Прегратки, бакнежи, бои на виножито ја преплавија денеска Тирана по повод Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија кој има за цел да ги координира меѓународните настани што ја подигнуваат свеста за прекршувањата на ЛГБТИ правата ширум светот.
На парадата на гордоста учествуваа членови на заедницата меѓу кои и Народниот правобранител, Еринда Баланца, но исто така и нивни поддржувачи и од соседните земји вклучително и од Македонија.
Правата на ЛГБТ заедницата во Албанија се гарантираат со закон против дискриминација. Сексуалната активност на лица од ист пол е декриминализирана во Албанија од 1995 година, но сепак хомосексуалните двојки не ги уживаат истите економски права како традиционалните брачни заедници.
Албанија се смета за конзервативна земја, посебно по реакциите на јавноста за правата на ЛГБТ заедницата и нивната присутност во јавната сфера. Сепак, легислативата против дискриминацијата што ја усвои Албанија го натера здружението „ILGA-Europe“ да ја квалификува Албанија како една од малкуте земји во Европа што забранува дискриминација врз основа на родов идентитет.
Албанија го ратификуваше Протоколот број 12 на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи, а во 2007 година ја потпиша Декларацијата на Обединетите нации за сексуална ориентација и родов идентитет.




