Неодамна во Хелсинки, група студенти присуствуваа на предавање на тема која не е вообичаено опфатена со програмите на повеќето колеџи.
Пред аудиториумот во училницата на Espoo Adult Education Centre, Јуси Тоиванен имаше Power Point презентација. Еден слајд со наслов „Дали сте погодени од руската армија тролови?“ вклучуваше листа на проверка на методите што се користат за да се измамат читателите на социјалните медиуми: манипулации со слики и видеа, полувистини, заплашување и лажни профили.

Друг слајд, на кој беше прикажан дијаграм од профил на Твитер, објаснуваше како да се препознаат ботови: внимавајте на комерцијални фотографии, проценете го обемот на објави дневно, проверете дали преводот е соодветен и дали недостасуваат лични податоци.
Предавањето заврши со тнр. „deepfake“ – многу реалистично манипулирано видео или аудио – од Барак Обама за да се истакнат предизвиците од претстојната информациска војна.
Курсот е дел од иницијативата за борба против лажните вести што финската Влада ја започна во 2014 година – две години пред Русија да почне да се меша во американските избори – со цел да ги едуцира граѓаните, студентите, новинарите и политичарите како да се спротивстават на лажните информации чија цел е да создаваат поделби.
Иницијативата е само еден слој од повеќедимензионалниот, меѓусекторски пристап на земјата да ги подготви граѓаните од сите возрасти за комплексниот дигитален пејзаж на денешницата – и утрешнината. Оваа нордиска земја, која дели 83 милји граница со Русија, е всушност акутно свесна што во спротивно може да се случи.
Финска е соочена со пропагандни кампањи поддржани од Кремљ уште од нејзината независност од Русија пред 101 година. Но, во 2014 година, откако Москва го окупираше Крим и ги поддржа бунтовниците во источна Украина, стана очигледно дека боиштето се премести: информациската војна се префрли на интернет.
Тоиванен, главниот комуникациски експерт за канцеларијата на премиерот, вели дека е тешко да се посочи точниот број на дезинформативни операции на кои земјата била жртва во последните години, но повеќето се поврзани со прашања како имиграција, Европската унија, или дали Финска треба да стане полноправна членка на НАТО (од што Русија не е воодушевена).
Откако тролањето зеде замав во 2015 година, претседателот Саули Нинисто ги повика сите Финци да преземат одговорност во борбата против лажните информации. Една година подоцна, Финска донесе американски експерти да ги советуваат функционерите за тоа како да препознаат лажни вести, да разберат зошто тие добиваат таков замав и да развијат стратегии за нивно сузбивање. Образовниот систем, исто така, беше реформиран за да стави акцент на критичкото мислење.
Иако е тешко да се измерат резултатите во реално време, се чини дека пристапот функционира и веќе и други земји почнаа да се угледуваат на Финска како пример, како да се добие војната против дезинформациите.
Разграничување на фактите од фикцијата
Во Француско-финското училиште во Хелсинки, двојазична државна K-12 институција, оваа филозофија се сфаќа сериозно.
На часовите по социјални студии на Валентина Уито, група ученици во 10 одделение водат жестока дебата за тоа кои ќе бидат клучните прашања на изборите на ЕУ следната недела. Споменувањето на Брегзит, имиграцијата, безбедноста и економијата како теми за анализа беше проследено со наплив од кренати раце.
“Собраа сè што мислат дека знаат за ЕУ изборите … сега да видиме дали умеат да ги разграничат фактите од фикцијата“, вели Уито на шега.
Студентите се поделија во групи со своите лаптопи и мобилни телефони за да ги истражат избраните теми – идејата е да тие да се инспирираат да станат дигитални детективи, како повторно стартувана верзија на Шерлок Холмс за пост-миленијумската генерација.
Нејзините часови се слика на финската програма за критичко мислење, која беше ревидирана во 2016 година за да стави акцент на вештините кои им се потребни на студентите да ги забележат дезинформациите, како оние кои ги засенија последните изборни кампањи во САД и низ Европа.
Училиштето неодамна оствари соработка со Финската агенција за проверка на факти Faktabaari (FactBar) за да развие алатки за дигитална писменост за учениците од основните и средните училишта кои учат за изборите на ЕУ. Тие се веќе презентирани на експертската група на унијата за медиумска писменост и веќе се споделуваат помеѓу земјите членки.
Вежбите вклучуваат проверка на тврдења од YouTube видеа и постови на социјалните медиуми, споредување на медиумската пристрасност во разновидни (clickbait) написи, испитување како дезинформациите манипулираат со емоциите на читателите, па дури и давање можност на учениците да се обидат во пишување лажни вести.
„Сакаме учениците … пред да означат нешто дека им се допаѓа или да го споделат на социјалните медиуми, да размислат два пати – кој го напишал тоа? Каде е објавено? Дали можам да ја најдам истата информација од друг извор?“, вели за Си Ен Ен Кари Кивинен, директор на Француско-финското училиште во Хелсинки и поранешен генерален секретар на Европските училишта.
Тој предупреди дека мора да се внимава, цинизмот да не ја замени критичноста на учениците.
„Заморно е кога секој факт мора да се провери, кога на ништо и никому на интернет не може да се верува“, вели 15-годишната Тату Тукиаинен, една од ученичките која ги посетува часовите на Уито. „Мислам дека треба да ставиме крај на тоа“.
Во училишната библиотека, Александер Шемеика (17) и Габриел Багула (18), заедно гледаат YouTube видеа на iPhone и разговараат за другите социјални платформи од кои земаат вести: Instagram, Snapchat, Reddit и Twitter, но не и Facebook – велат „тоа е за стари луѓе“.
Луѓето многу често се расфрлаат со зборовите „лажни вести“, вели Шемеика, објаснувајќи дека кога нивните другари споделуваат сомнителни мемиња или неверојатни статии на интернет, тој секогаш прашува кој е изворот. „Никогаш не можеш да бидеш доволно сигурен“, се согласува Багула.
Токму таков разговор Кивинен се надева дека ќе култивира надвор од училницата.
„Она што го развиваме тука – комбинирање на проверка на факти со критичко мислење и гласачка писменост – е нешто за што сме забележале дека има интерес и надвор од Финска“, вели Кивинен.
Но Кивинен не е сигурен дека овој пристап треба да служи како образец за училиштата секаде. „На крајот на краиштата … тешко е да се извезе демократија“, додава тој.
„Супермоќта“ да се биде Финец
Можеби е тешко да се извезе демократија, но лесно е да се увезат експерти, што е токму она што Финска го стори во 2016 година за да го сузбие подемот на дезинформации што се ширеа од профилите на нејзиниот источен сосед.
„Тие знаеја дека Кремљ се меша во финската политика, но немаа контекст во кој можеа да го протолкуваат тоа. Тие се прашуваа дали тоа значи дека [Русија] ќе нападне, дали е ова војна?“ изјави за CNNЏедВилард, директор на Франклин Делано Рузвелт Центарот за глобална вклученост при Универзитетот Харвард, кој беше ангажиран од Финска за да ги обучи државните службеници да детектираат и да се спротивстават на лажните вести.
Русија стои на ставот дека не се меша и никогаш не се мешала во внатрешната политика на другите земји.
Зад затворени врати, работилницата на Вилард во голем дел се фокусираше на една работа: развивање на силен национален наратив, наместо разобличување на лажните тврдења.
„Финците имаат многу уникатна и посебна сила поради тоа што знаат кои се. А кои се тие е директно вкоренето во човековите права и владеењето на правото, во многу нешта кои Русија, сега, не е“, вели Вилард. „Постои силно чувство на припадност кај Финците … и тоа е супермоќ“.
Не сите нации имаат таков стабилен наратив зад себе како Финска.
Оваа мала и значително хомогена земја постојано е рангирана на или близу врвот на речиси секој индекс – среќа, слобода на печат, родова еднаквост, социјална правда, транспарентност и образование – што прави тешко за надворешните фактори да најдат дупки во општеството кои можат да ги отворат и злоупотребат.
Финска има долга традиција на читање – нејзините 5,5 милиони жители позајмуваат речиси 68 милиони книги годишно и таа само што потроши 110 милиони долари на врвна библиотека, која нагалено се нарекува „Дневна соба на Хелсинки“. Финска има највисок ПИСА рејтинг за читање во ЕУ.
И како што довербата во медиумите паѓаше во другите делови од светот, Финска одржуваше силни регионални медиуми и јавен сервис. Според извештајот на Ројтерс институтот за дигитални вести од 2018 година, Финска е на врвот на сите ранг листи за медиумска доверба, што значи дека веројатноста нејзините граѓани да се приклонат кон алтернативни извори на вести е помала.
Загадување на интернет просторот?
Но, некои тврдат дека не е доволно само да се учи на медиумска писменост и критичко мислење – компаниите на социјалните медиуми мора повеќе да сторат за да го спречат ширењето на дезинформациите.
„Facebook, Twitter, Google/YouTube … кои ги помагаат руските тролови … треба навистина да се регулираат”, вели Џесика Аро, новинар на Финскиот јавен сервис YLE, која се соочи со наплив од навреди за нејзиното истражување на руското влијание долго пред тоа да биде поврзано со изборите во САД во 2016 година.
„Како што сите компании или фабрики кои се загадувачи треба да бидат и веќе се регулирани поради загадување на воздухот, шумите и водите, овие компании ги загадуваат умовите на луѓето. Затоа, тие треба да платат за тоа и да преземат одговорност.“
Facebook, Twitter и Google, сите кои се потписници на Кодексот на практики против дезинформации на Европската комисија кажаа за CNN дека презеле чекори пред изборите на ЕУ за зголемување на транспарентноста на нивните платформи, меѓу кои отворање за јавноста на библиотеките за политичко рекламирање поврзано со ЕУ, работа со трети-страни кои ќе вршат проверка на факти заради идентификување на лажна изборна содржина, и „ловење“ на лажни профили.
Првата отворена истрага на Аро од 2014 година го истражуваше влијанието врз Финска на дезинформативните кампањи поврзани со Русија.
„Многумина Финци ми кажуваа дека биле сведоци на такви активности, но дека се работело само за нова дигитална технологија за старомодните, олд скул пропаганда на Советскиот Сојуз, која отсекогаш постоела и за која Финците биле свесни“, рече Аро. „Така, тие можеле да ги избегнат троловите.“
Истражувањето исто така ја направи мета на немилосрдна кампања против нејзиниот углед, во која беше обвинувана дека е оперативец на CNN, таен помошник на НАТО, дилер на дрога и растроен русофоб.
Аро доби оддишка дури откако, минатата година, Окружниот суд на Хелсинки изрече строги казни за клевета на двајца про-Путин активисти– Илја Јаницкин, Финец со руско потекло кој ја водеше анти-имигрантската про-руска интернет страница МТ-Lehti, и Јохан Бакман, самопрогласен „активист за човекови права“ и чест гостин на рускиот државен медиум RT.
Тоа беше првпат земја на ЕУ да ги осуди оние одговорни за кампањи за клевета, повлекувајќи линија помеѓу екстремниот говор на омраза и изговорот за слобода на говор.
Игра која трае
Можеби најголемиот знак дека Финска ја добива битката против лажните вести е фактот што другите земји бараат да го следат нејзиниот пример. Претставници на многу земји на ЕУ, заедно со Сингапур, дошле да учат од финскиот пристап кон проблемот.
Се води трка да се најде решение, откако властите пронајдоа врска помеѓу руски групи и кампањите за дезинформирање поврзани со референдумот за независност на Каталонија и Брегзит, како и последните гласања во Франција и Германија. Германија веќе донесе закон за казнување на технолошките платформи кои нема да отстранат „очигледно незаконски“ говор на омраза, додека Франција минатата година донесе закон со кој се забрануваат лажни вести на интернет за време на изборни кампањи. Некои критичари тврдат дека обата закони ја загрозуваат слободата на говорот. Русија одрекува мешање во сите овие случаи.
Финската стратегија беше јавно изложена во пресрет на националните избори минатиот месец, во рекламна кампања која го носеше слоганот „Финска има најдобри избори во светот – размислете зошто“, поттикнувајќи ги граѓаните да размислат за лажните вести.
Властите не најдоа докази за руско мешање во изборите, што според Тоиванен може да биде знак дека троловите престанале да размислуваат за финскиот електорат како за лесна мета.
„Пред неколку години, еден од моите колеги рече дека, според него Финска ја освоила првата рунда во борбата против странски злонамерни дезинформации. Но иако Финска е доста успешна, не сметам дека постојат први, втори или трети рунди, туку дека ова е игра која трае“ рече Тоиванен.
„Ќе ни биде многу потешко да им се спротивставиме на таквите активности во иднина. И треба да бидеме подготвени на тоа.“
*Извор Си Ен Ен






