Гугл забранува некои ажурирања на оперативниот систем Андроид за телефоните на кинескиот произведувач Хуавеи, објави Би Би Си.
Новите дизајни на паметните телефони на Хуавеи нема да имаат пристап до некои апликации на Гугл.
Овој потег доаѓа откако администрацијата на Трамп го стави Хуавеи на листата на компании со кои американските фирми не можат да тргуваат, освен ако немаат лиценца.

Во соопштението, Гугл соопшти дека „ја почитува наредбата и ги разгледува импликациите”.
Хуавеи засега не коментира.
Што значи ова за корисниците на Хуавеи
Постојните корисници на паметните телефони на Хуавеи ќе можат да ги ажурираат апликациите и да ги користат безбедносните корекции, како и да ги ажурираат услугите на Гугл Плеј.
Но, кога Гугл ќе ја објави следната верзија на Андроид кон крајот на оваа година, можеби нема да биде достапна на уредите Хуавеи.
Односно, идните Хуавеи уреди можеби нема да имаат пристап до апликации како што се Јутјуб и Мапи.
Хуавеи се уште може да ја користи верзијата на оперативниот систем Андроид достапен преку лиценца со отворен код.
Бен Вуд, од консултантот на CCS Insight, вели дека потегот од Гугл ќе има “големи импликации врз бизнисот на Хуавеи”.
Што може Хуавеи да стори?
Минатата среда администрацијата на Трамп го стави Хуавеи на својата листа на компании, на која и се забранува да купува технолошки делови од американските фирми, без одобрување од владата.
Во своите први коментари по ова, главниот извршен директор на Хуавеи Рен Женгфеи изјави за јапонските медиуми во саботата: “Ние се подготвувавме за ова”.
Тој рече дека фирмата, која секоја година купува компоненти од околу 67 милијарди долари, според бизнис-весникот Никеи, ќе продолжи со развој на сопствените делови.
Хуавеи се соочува со се поголеми реакции од западните земји, предводени од САД, поради наводните можните ризици поврзани со користењето на нивните производи во наредната генерација 5Г мобилните мрежи.
Неколку земји изразија загриженост дека производите на Хуавеи можат да бидат искористени од Кина за следење, наводи што компанијата жестоко ги негираше.
Хуавеи тврди дека нивните производи не претставуваат закана и дека компанијата работи независно од кинеската влада.
Сепак, некои земји забранија телекомуникациските компании да користат производи на Хуавеи во 5Г мобилните мрежи.
Краткорочна штета за Хуавеи
На краток рок, ова може да биде многу штетно за Хуавеи на западниот пазар.
Купувачите на паметни телефони не би сакале телефон со Андроид кој нема пристап до Гугл Плеј Стор, нејзиниот виртуелен асистент или безбедносни надградби, под прфетпоставка дека тоа ќе бидат дел од услугите што ќе бидат повлечени.
Но, на подолг рок, ова би можело да биде причина, производителите на паметни телефони генерално, сериозно да ја разгледаат потребата за остварлива алтернатива на оперативниот систем на Гугл.
Што се однесува до Хуавеи, се чини дека тие се подготвени за евентуалното блокирање од американските компании.
Неговите паметни телефони веќе содржат сопствени процесори, а претходно оваа година шефот за потрошувачки уреди, за германскиот весник Ди Велт изјавил: „Ги подготвивме нашите сопствени оперативни системи – тоа е нашиот план Б”.
Овој потег од друга страна, може да ја поттике амбицијата кај Хуавеи да го надмине Самсунг и да стане најпродаваниот бренд паметни телефони во 2020 година.




