Состанокот на шефови на држави и влади на 28 земји од ЕУ беше зад затворени врати без асистенти или мобилни телефони.
Дипломатски извори изјавија дека Меркел била запрепастена од тоа колку брзо Макрон јавно го отфрли Манфред Вебер како кандидат што Берлин го поддржува за позицијата претседател на Европската комисија.
Макрон смета дека соодветни кандидати се и данскиот комесар Маргрет Вестагер, преговарачот за Брегзит Мишел Барние и холандскиот социјалдемократ, Франс Тимерманс.
Францускиот претседател изјави дека тој се залага Европската унија во наредните пет години да ја предводат две жени и двајца мажи со силни личности, но не сакаше да ги открие имињата на своите фаворити за тие позиции.
– За мене е клучно луѓето на најчувствителните позиции да го делат нашиот проект и да бидат најхаризматични, најкреативни и најкомпетентни, рече Макрон по неформалната вечера на лидерите на ЕУ во Брисел.
Тој додаде дека му е важно да постои родова рамноправност и оти затоа сака да се именуваат две жени и двајца мажи.
– Сакам да се обединиме. Ако секој остане цврсто за некои имиња, ќе бидеме блокирани, рече Макрон.
Шпанија и Шведска, според западни медиуми, го поддржаа Тимерманс, а Ирска и Хрватска – Вебер. Луксембург и Словенија поддршка дале за Маргрет Вестагер.
Лидери на источни земји побарале во распоредување функции да се направи географска рамнотежа. Полска и Унгарија силно се спротивставуваат на Тимерманс, кој како потпретседател на Европската комисија предводеше правна истрага против двете земји.




