Седуммина туристи од Јужна Кореја загинаа, а уште најмалку 19 се исчезнати откако туристички брод се преврте во Дунав во Будимпешта, по судир со друг брод во 22 часот вчера во близина на Парламентот.
На бродот во моментот на несреќата се наоѓале триесет туристи, тројца туристички водичи и двајца членови на екипажот на бродот.
Седуммина се спасени, а масовна операција за пребарување продолжува, во услови на невреме.
Бродот имал две палуби и капацитет од 45 лица.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја потврди дека седуммина нејзини граѓани загинале, а 19 се водат за исчезнати.
Владата во Сеул најави дека ќе испрати тим од официјални претставници во Унгарија.
На прес-конференција во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, портпаролот на туристичката агенција која е организатор на патувањето, рече дека шестгодишно девојче е едно од седумте жртви.
Ниту еден од 32 –та туристи на бродот не носеле елеци за спасување, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Од ноќеска трае големата спасувачка операција во која се вклучени чамци, нуркачи, рефлектори и радарско скенирање долж реката, неколку километри по течението.
Тимовите за спасување предупредија дека, како што одминува времето, силните струи ги намалуваат шансите да бидат пронајдени преживеани.





