Илјадници луѓе протестираа во центарот на Лондон против посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, но во помал број споредено со протестите кои се одржаа за време на неговата посета минатата година.
Демонстрантите носеа транспаретни на кои пишуваше: ,,Климатските промени се вистински”, ,,Трамп е климатска катастрофа”,,,Стоп за нуклеарна трка на Трамп”.

Протестите се одржаа под мотото ,,Заедно против Трамп”. Тие пуштија и балон висок шест метри, којшто го претставува претседателот на САД, Доналд Трамп како бебе.
,,Нашиот балон е дел од гордата историја на политичка сатира на Велика Британија и испраќа јасна портокалова порака на Трамп и неговите политичари дека не се добредојдени”, рече Ана Викерстаф, една од креаторките на балонот. Протестот се организира и за да се искаже солидарност со луѓето кои Трамп ги повредил – жените, лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица.
Онлајн петицијата против доаѓањето на Трамп ја потпишаа 1.863.708 луѓе. Портпаролот на Долниот дом на британскиот парламент, Џон Беркоу, рече дека на Трамп нема да му биде дозволено да се обрати.

Имаше и мал собир за поддршка на Трамп. Присутните на овој собир рекоа дека протестите против Трамп се навреда за лидерот на најмоќниот сојузник на Велика Британија.




