Прилеп изминатиот викенд беше домаќин на Првиот театарскиот фестивал за деца “Силјан Штркот”.
Тридневниот фестивал беше исполнет со богата програма проследена со многу музика, работилници, изложби, театар и пријателска атмосфера во која најмногу уживаше најмладата публика.
Идејата за овој фестивал поттикна актерките Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумовска од Здружението на граѓани „Мал Театар” Прилеп кој се иницијатори и организатори на овој фестивал чија цел беше да се промовира театарската уметност, културните вредности, преку интерактивност со најмладите да се јакнат и оддржуваат пријателството, хуманостам и љубовта, а воедно и од најмали нозе да се учи публиката колку е важна културата и односот кон неа.
Во Програмата на првото издание на овој Театарски фестивал за деца „Силјан Штркот“ беа претставите „Црвенкапа“ од Театарот од Велес, „Малиот Принц“ од Театарот Сенки и облаци од Скопје, „Заборавените кукли“ од Театарот од Битола и „Грдото пајче“ од Театарот за деца и младинци од Скопје, која го затвори фестивалот.
Фестивалот има своја химна „За подобар свет“, по текст од Марија Спиркоска Илијеска и Бојана Артиновска Трпческа во продукција на Томе Темелкоски, а во изведба на Александра Трајческа и хорот од Средното Општинско музичко училиште „Ордан Михајловски Оцка“, и учениците од ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“.
Изработена е и маскота, ликовно решение на Александар Џинго и Бојана Артиноска Трпческа, кое го симболизира процесот на преобразбата на Силјан Штркот од штрк во човек и обратно.
Организаторите веруваат дека ова ќе прерасне во традиција,особено поради големата посетеност на сите четири претстави.