Утре во 19 часот во галеријата „Акантус“ во скопско Дебар Маало ќе биде отворена изложбата „Градот“ на еден од најреномираните македонски сликари Илија Пенушлиски.
Пенушлиски (72) за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика. Изложбата опфаќа 39 дела.
Градот е чест мотив во неговото творештво, бидејќи како што вели во интервјуто за сдк. Мк градот знае да биде и најубав пејсаж.
Што се однесува до новата техника на која работел вели дека не станува збор за љубопитност да се истражи некоја нова техника, туку за фактот што оваа технологија отвора простор за човек да се обиде да види што ќе му понуди различно од она што претходно го знае.
Пенушлиски изложбата му ја посветува на својот пријател, режисерот и амбасадор Љупчо Тозија кој почина лани, а во каталогот за изложбата е отпечатена и песната „Градот“ (The Town) од Френк Синатра.