Оценката на oбвинението за организаторите на 27 април се очекува да ја донесе нов Кривичен совет, откако судијката Добрила Кацарска во два наврати побарала да се изземе.
АКМИС системот ја определил судијката Кацарска да претседава со Кривичниот совет, кој треба да го оцени обвинението и за организаторите. Таа побарала изземање, не наведувајќи ја причината, но сепак барањето и било одбиено, бидејќи Судот не утврдил дека има какви било пречки да го оцени и ова обвинение.
Сепак, Кацарска поднела повторно ново барање за изземање во кое овојпат навела дека „веќе има оформено мислење по кривично правниот настан“. Овој пат, барањето и било прифатено.
Дали ќе биде прифатено обвинението за организаторите на упадот во Собранието, ќе одлучува друг Кривичен совет со кој ќе претседава судијата Горан Бошевски. Кацарска не може да биде ниту судија во овој предмет.
Обвинението за организаторите беше поднесено на крајот на мај против Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски. Против Никола Груевски и Никола Бошковски постапката е запрена, бидејќи не се во земјава.
Кацарска го водеше процесот против обвинетите за настаните од 27 април, кога 16 лица беа осудени на вкупна затворска казна од 211 години.




