Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт против четири лица за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017.
Тие се товарат за кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
-Обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање владата, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Парламентот на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.
Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети, пишува во обвинителниот акт.
Во соопштението од ЈОРМ не се посочува идентитетот на четворицата обвинети за организирање на собраниските настани на 27 април 2017, но познато е дека истрага се водеше против поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и Владимир Атанасовски и Никола Бошковски од УБК.
За Груевски и Бошковски кои се бегство, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.
Во организацијата нансилствата, според Обвинението активно учествувале и поранешни припадници на УБК. Поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски кој сега е во притвор, според обвинението, со цел да се прикрие трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.
Никола Бошковски, кој исто така беше вработен во УБК, а за кој постапката е запрена поради бегство, според обвинителниот акт со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје.
ОЈО бара за Миле Јанакиески кој е во куќен притвор да му се продолжи оваа мерка, а за Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски кои се во Шутка да биде определен куќен притвор.
За насилствата во Собранието, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лицa.




