Режисерот Слободан Унковски вели дека не го потшишал писмото петиција кое група уметници го испратија до премиерот Зоран Заев од кого бараат да не го менува раководството на МКЦ. Унковски истакнува дека потписот не е фалсификуван, туку е недоразбирање поради што и го повлекол од списокот. Исто така, смета дека проблемите не се решаваат со петиции, туку дека УО на МКЦ треба да го истера конкурсот до крај.
-Писмото петиција за МКЦ не сум го потпишал. Причини: Мислам дека е адресирано на погрешна адреса, не ми се допаѓа општиот тон и мислам дека проблемите не се решаваат со петиции. МКЦ е градска институција и градот треба да се избори да избере најдобар кадар за неа. Лично сметам дека МКЦ во моментов е можеби најдинамичната културна институција во Скопје.
Мојот потпис не е фалсификуван, се работи за недоразбирање во комуникацијата со организаторите на петицијата. Мирко Попов го ценам особено и сигурен сум дека тој не би го фалсификувал мојот потпис. Моето име е повлечено од списокот.
Верувам дека е најдобро да се остави на Управниот одбор на МКЦ да го истера конкурсот до крај, па понатаму ќе видиме што е точно неопходно да се направи. Превентивните акции кои се базираат на несигурни информации не ми се блиски, се вели во писмената изјава на Унковски.