Од денеска почнува да се применува владиниот проект „Мој ДДВ“ преку кој граѓаните ќе можат да побараат поврат на 15 проценти од платениот Данок на додадена вредност.
Повратот на пари ќе биде околу 50 милиони евра годишно, односно максимум 28.800 денари годишно за едно семејство.
За да добијат поврат на ДДВ, граѓаните ќе треба ги скенираат своите фискалните сметки преку мобилен телефон и да ги испратат на апликацијата што ќе биде достапна на страницата на УЈП. Ќе важи за фискални сметки со максимален износ од 30.000 денари.
На ранливите категории и постарите лица кои не можат да ги скенираат фискалните,ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери.
Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември.
Законот за враќање на дел од ДДВ беше усвоен минатата недела во Собранието. Проектот што е насловен „Мој данок моја заштеда“ и е дел од изборната програма и Програмата за работа на Владата. Целта, како што образоложија од Владата, е да се вратат пари кај граѓаните, да се намали сивата економија и да се елиминира даночното затајување. Се проценува дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за два отсто од најбогатите ќе има лимит.




