Во пријавата која беше поднесена во декември 2017 година, се наведуваше дека тројцата пријавени, во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.
Имено тие спротивно на чл.581 од Законот за трговски друштва, според кој странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на државава се додека не организираат подружница, примиле времени ситуации – фактури од странски правен субјект „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија, во кои незаконски бил вкалкулиран данок на додадена вредност од 18%.
На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување на услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што Управата за финансиска полиција процени дека била нанесена штета на Буџетот во износ од 2.770.640 евра.
Од Обвинителството соопштија дека утврдиле дека претпријатието „Светлост театар“ ДОО Белград, имало подружница во земјава со назив „Светлост театар“ ДОО Белград, запишана во Централниот регистар. Материјалите кои како изведувач требало да ги вгради се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник.
Вештото лице кое било ангажирано од Обвинителството констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите.
Меѓутоа, со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени.
За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен, соопштуваат од Обвинителството.
Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење.
Имајќи ги предвид сите овие факти, надлежниот јавен обвинител донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност.