Иран објави дека програмата за збогатување ураниум сега ќе надмине ограничување од 3,6 проценти, како што беше договорено со нуклеарниот договор од 2015 година.
Иран соопшти дека по истекот на крајниот рок даден на западни земји за да се исполнат барањата на Иран и да се спречат санкциите на САД против Иран, Иран ќе го зголеми збогатувањето на ураниум и ќе продолжи да ги намалува своите обврски од договорот на секои 60 дена.
Како што истакна Техеран, намерата била да го спаси договорот и дека Иран дал доволно време за дипломатија.
Дипломатската врата е се уште отворена, но потребни се нови иницијативи, рече иранскиот преговарач Абас Арачи.
Француски претседател Емануел Макрон оствари телефонски разговор со иранскиот претседател Хасан Рохани, во обид да го врати дијалогот меѓу Иран и западните партнери до средината на јули, за да се намалат тензиите на Блискиот Исток.
Макрон и Рохани разговараа повеќе од еден час, соопшти Кабинетот на францускиот претседател.
Макрон изразил „силна загриженост во врска со новото ослабување” на договорот од 2015 година, чија цел е намалување на нуклеарните амбиции на Иран.
Договорено е до 15 јули да се обидат да ги истражат условите за продолжување на дијалогот на сите страни за нуклеарното прашање на Иран.
Израелскиот министер за енергетика Јувал Стајниц го нарече денеска „умерено“ објавеното иранско збогатување ураниум, но исто така го обвини Иран за повлекување од меѓународно договорените ограничувања за нуклеарните проекти.
Стајниц проценува дека со тој потег Техеран почнува марш за потенцијален развој на нуклеарна бомба.
-Иран започна – иако сега е умерено зголемување – но почна да зголемува, со цел да излезе од ограничувањата наметнати врз него. Тоа значи … бришење на црвените линии за кои се согласивме и дека започнаа марш, марш, што не е едноставен, кон нуклеарно оружје, изјави Стајниц.
Тој е член на кабинетот за безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за 10 јули на барање на САД закажа вонреден состанок, и на него се предвидува разгледување на почитувањето на меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран, објави агенцијата на ОН.
Одборот на гувернери на МААЕ, со седиште во Виена, ќе одржи состанок в среда попладне.
„САД, кои излегоа од договорот постигнат во 2015 година, повикаа на вонреден состанок, бидејќи Иран неодамна ја надминал дозволеното ограничување на залихите на збогатен ураниум”, соопшти МААЕ која е задолжена за надгледување на спроведувањето на договорот.