По синоќешната победа на Нова демократија на предвремените парламентарни избори во Грција и можноста сама да формира еднопартиска влада, Кирјакос Мицотакис денеска, ќе положи свечена заклетва во претседателската палата и официјално ќе ја преземе функцијата премиер на Грција.
Службениот министер за внатрешни работи на Грција, Андонис Рупакиотис ги достави до претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, јави МИА од Атина.
-Врз основа на овој резултат со пребројани 99,86 отсто од гласовите, цврсти и апсолутни се: прво, распоредот на силите на партиите. Второ, пратеничките места што ги добива секоја партија, што значи дека ништо не се менува. Единствено останува дека се уште се пребројуваат гласовите за кандидатите за пратеници и таму се менува редоследот. Ова ќе заврши утрово или во текот на денот, му објасни Рупакиотис на Вуцис.
Рупакиотис го извести Вуцис и за инцидентот во атинската населба Ексархија, каде што четири маскирани лица украдоа гласачка кутија. Рече дека ист случај имало и за време на изборите во 2012 година, објаснувајќи дека прегласување во конкретното гласачко место ќе има следната недела, но тоа нема да влијае ниту на распоредот на силите, ниту на изборот на пратеници.
Следен чекор е претседателот на Парламентот да го извести Претседателот на Грција за резултатите од изборите, по што Павлопулос ќе му го даде мандатот на лидерот на Нова демократија да формира влада.
Кирјакос Мицотакис, во 13 часот по локално време ќе положи свечена заклетва во претседателската палата.
Неофицијално, според најавите во Грција, во текот на денешниот ден ќе има и примопредавање на функцијата, односно Алекис Ципрас ќе му го предаде премиерскиот кабинет на Кирјакос Мицотакис, а веројатно во попладневните часови ќе биде соопштен и составот на владата.
Новата грчка Влада, најверојатно утре ќе положи свечена заклетва во претседателската палата во Атина.
Кирјакос Мицотакис лесно ќе ја формира владата со оглед на тоа дека не е потребно да бара коалиционен партнер, а во едно од неговите предизборни интервјуа рече дека имињата на министрите му се веќе подготвени.
На вчерашните предвремени парламентарни избори, централно десничарската партија освои 158 пратенички места што се доволни за да формира еднопартиска влада.
Со пребројани речиси сите гласови, според официјалните податоци од грчкото МВР, Нова демократија е прва со 39,85 отсто, односно 8,32 отсто повеќе од СИРИЗА, додека пак изненадувањето на изборите е тоа што Златна зора, не успеа да ја достигне потребната граница од три отсто за влез во Парламентот и останува без пратенички места.
Според освоените гласови, распоредот во Грчкиот Парламент ќе биде следен:
Нова демократија 39,85 отсти – 158 пратенички места
СИРИЗА 31,53 отсто – 86 пратенички места
Движење на промена 8,09 отсто – 22 пратенички места
Комунистичка партија на Грција 5,31 отсто – 15 пратенички места
Грчко решение 3,69 отсто – 10 пратенички места
МЕРА25 3,44 отсто – девет пратенички места
-Се боревме и постигнавме многу секогаш со крената глава и сега, повторно со крената глава ја прифаќаме одлуката на народот. Со крената глава бидејќи знаеме дека Грција што ѝ ја предаваме на новата влада нема никаква врска со тоа каква беше Грција кога ја презедовме, истакна синоќа Ципрас.

Грчкиот премиер во заминување рече дека стапил во контакт со Кирјакос Мицотакис за да му честита за победата и најави дека ќе бидат одговорна и динамична опозиција.
-Денеска, за нас, за мене, за СИРИЗА се затвора еден голем и тежок циклус, рече Ципрас, истакна дека ќе разгледаат се што сториле и она што било правилно но и грешките што ги направиле и ќе ја презеде одговорноста.
Ниска излезност
Предвремените парламентарни избори во Грција поминаа со помала излезност во споредба со европските избори на 26 мај годинава. Сепак разликата е многу мала и изнесува помалку од еден отсто.
Односно, на вчерашните избори гласале 57.8 отсто наспроти 58.69 отсто на евроизборите.
Во изминатите 10 години најголема излезност на парламентарни избори имаше во октомври 2010 година – 70,95 отсто, а најниска во септември 2015 – 56,16 отсто.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган беше првиот странски лидер што му ја честиташе победата на Мицотакис.
Според грчките медиуми, Ердоган му честитал и му посакал успех на Мицотакис во водењето на земјата, а лидерот на Нова демократија и нов премиер на Грција му се заблагодарил и рекол дека очекува одново отпочнување билатерални односи врз основа на почитување на меѓународното право и со дијалог во корист на двата народи.
Првата честитка од Брисел за новиот грчки премиер пристигна од претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
„Имам апсолутна доверба во вашите лични способности и способноста на Грците да напишат ново и посветло поглавје во историјата на вашата земја. Можете да сметате на мојата лична поддршка и поддршка од Европската комисија во остварувањето на таа цел”, вели Јункер во неговата честитка.
Тој истакна дека грчкиот народ претрпел многу во изминатите десет години, оценувајќи дека достоинството, издржливоста и посветеноста кон Европа, што тие го покажале, заслужуваат почит.
Јункер смета дека е голем успех на ЕК помошта за Грција да „има нова страница, да излезе од кризата и да планира своја иднина“.





