Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис и официјално, во премиерската палата во Атина, од Алексис Ципрас ја презеде функцијата претседател на владата на Грција.
На почетокот од средбата премиерот во заминување го пречека неговиот наследник на влезот од палатата „Максимос”, додека, пак, на крајот, на истото место Мицотакис го испрати Ципрас.
Новиот грчки премиер во премиерската палата пристигна пеш од претседателската палата, каде што положи свечена заклетва, по што рече дека уште од денеска започнуваат со напорна работа, јави МИА од Атина.
-Грчкиот народ, вчера ни даде силен мандат за да ја промениме Грција. Овој мандат ќе го почитуваме во целост. Од денеска почнува напорна работа и имам апсолутна доверба во нашите капацитети за да одговориме на околностите, рече Мицотакис откако положи свечена заклетва, а кусо пред и официјално да ја преземе функцијата премиер на Грција.
Новиот грчки премиер, во присуство на потесниот круг на семејството, односно сопругата, нивните три деца, неговите сестри, меѓу кои и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани и пред претседателот на државата положи свечена заклетва во претседателската палата.
Во попладневните часови, според најавите, се очекува да биде соопштен составот на новата грчка влада, а свечената заклетва на новите министри веројатно ќе биде утре.
Претходно, Мицотакис положи свечена заклета во претседателската палата во присуство на потесниот круг од семејството и пред шефот на државата Прокопис Павлопулос.
Според официјалните резултати Нова демократија победи на вчера одржаните предвремени парламентарни избори. Вкупно 6 партии влегоа во Парламентот, а изненадување е што место не обезбеди крајно десничарката Златна Зора. Излезноста била 57,92 проценти.
Нова Демократија освои 38, 85 проценти и 158 места, СИРИЗА – 31,53% и 86 места, КИНАЛ – 8,10 % и 22 места, Комунистичката партија (ККЕ) – 5,30 % и 15 места, Грчко решение – 3,70 % и 10 места и МЕРА 25 – 3,44 % и 9 места.




