Во Меморијалниот центар во Поточари заврши комеморацијата на жртвите од Сребреница во јули 1995 година.
Комеморацијата заврши со обраќање на членот на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ кој изјави дека негирањето на геноцидот во Сребреница е последната фаза од геноцидот.
-Негирањето на геноцидот и величање на злосторниците одговорни за геноцидот го сметаме за посебен облик на постхумно злострство, рече Џаферовиќ.
Тој истакна дека геноцидот се негира и покрај пресудите на Меѓународниот суд на правдата и Хашкиот Тибунал, додавајќи дека „спрските политички и верски елити не сакаат да го прифатат овој факт, не сакаат да се соочат со вистината и јасно да се оградат од идеологијата која го креираше геноцидот“.
Претседателот на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови Кармел Аџиус изјави дека Сребреница не смее да се повотри и дека мора да се престане со негирање на геноцидот кој тука се случил.
-Ова не смее повторно да се случи, а оние кои не ги интересира страдањето на жртвите и семејствата, па и натаму го негираат она што Трибуналот го потврди, мора да престанат со тоа, рече Аџиус.
Според него, негирањето на геноцидот е болно и за жртвите и за нивните семејства и не придонесува за помирување меѓу народите во БиХ.
Повеќе илјади луѓе од целиот свет за три дена испешачија стотина киломентри за на тој начин да оддадат почит кон жртвите во Сребреница.
„Маршот на мирот“ беше завршен синоќа кога колоната стаса во поточари. Тие одеа по патот по кој жителите на Сребреница оделе тој 11 јули 1995 година бегајќи на територијата што била под контрола на армијата на БиХ, откако војската на Република Српска ја зазеде Сребреница.
Денеска присуствуваа и семејствата на 33 новоидентификувани жртви кои денеска беа погребани во Поточари, по 24 години од страотните настани.
Најмладата жртва која беше погребана денеска е Осман Цврк, кој за време на убиството имал 16 гоидини. Најстарата жртва е Шаха Цврк која кога е убиена имала 82 години.
Во Подриње во центарот за идентификација во Тузла се наоѓаат уште 140 идентификувани жртви со ДНК анализа, но главно поради некомплетност на посмртните останки семејствата се уште не се одлучиле за погребување.
Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари до сега се погребани посмртните останки на 6.610 жртви, а се трага за уште повеќе од 1.000.
Првата колективна џеназа во Меморијалниот центар во Поточари е извршена во 2003 година, кога во три фази се погребани околу 1.000 жртви.
Меѓународниот суд во Хаг во 2007 година донесе пресуда со која масакрот во Сребреница го квалификува како геноцид. Резолуции за Сребреница со кои се потврдува оваа пресуда донесоа парламентите на земјите од ЕУ, на Канада, САД и Австралија. Со одлука на Европскиот парламент од јануари 2009 година, 11 јули е прогласен за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.







