Светскиот шампион во џет-ски Французинот Френки Запата од Марсеј полета на неговиот „флајборд“неколку десетици метри над Шанзелизе во Париз за време на традиционалната парада по повод францускиот национален празник 14 јули.
Запата леташе во футуристички спектакл, лебдејќи исправено со пушка во раката.
Француската министерка за одбрана претходно изјави дека оваа платформа ќе се користи за различни намени – како логистика или за воен напад.
Летечката машина на Запата работи на керозин – може да лета со брзина од 190 км на час, а летот трае околу десет минути.
Денеска во Париз се одржува традиционалната воена парада по повод националниот празник на 14-ти јули. Учествуваат 4.300 војници, 196 возила, 69 авиони и 39 хеликоптери.

Воени единици од 10 земји учествуваат во парадата, а според пишувањата на дел од медиумите европските лидери се под притисок да ги зајакнат своите воени врски поради разликите со Вашингтон, но и напуштањето на Велика Британија на ЕУ.
“Од крајот на Втората светска војна, Европа никогаш не била толку важна како сега”, рече Маркон во изјавата по повод 14-ти јули.
“Приоритет за Франција е да ја изградиме Европа – како сила која може да се брани, во соработка со Северноатлантската алијанса, чија 70-годишнина прославуваме“ рече Макрон.




