Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден до раните утрински часови работеше на прибирање на материјални докази поврзани со осомничените во случајот за „примање награда за противзаконито влијание“.
Како што соопштија од Обвинителството, извршени се претреси на повеќе локации – во домот на родителите на Бојан Јовановски кој е првоосомничен во случајот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во телевизијата, а исто така извршен е претрес и во домот на Зоран Милески кој е второосомничен во случајот, како и во нивните возила.
-При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички, како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола, се вели во соопштението.
Со оглед на обемноста на материјалот, записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов обвинителството не може да соопшти детали.
Од обвинителството истакнуваат дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.
Како шпекулации ги оценуваат одредени написи во дел од медиумите за наводно проширување на истрагата, но не исклучуваат таква можност доколку во истрагата се дојде до релевантни докази за нејзино проширување.
-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро ги осудува написите што се појавија во дел од медиумите кои, повикувајќи се на извори од обвинителството, шират шпекулации за наводно проширување на истрагата и за содржина на одземените материјални докази во предметот за примање награда за противзаконито влијание, се вели во денешното соопштение.
Од Обвинителството потенцираат дека само официјално објавените соопштенија на веб страницата на обвинителството и дадените изјави на обвинителите се веродостоен извор на информации во врска со овој предмет.




