Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за кој деновиве се собираат потписи преку онлајн петицијата во знак на поддршка, до петок ќе знае каква ќе биде неговата судбина. Тој за НоваТВ го раскажа целиот тек на настаните, откако минатиот петок на седницата на Дисциплинската комисија при ДПИ беше донесена одлука против него да се предложи дисциплинска мерка, за која директорот треба да одлучи во рок од 7 дена, дали ќе ја прифати или не.
Илиевски во моментов го користи годишниот одмор за да се спаси од тензичната атмосфера на работното место, а во пензија заминува на 28 јануари следната година.
– Се надевам дека Комисијата за спречување на корупција ќе донесе правилна одлука за оваа состојба. Се надевам дека до тогаш ќе се огласи Јавното обвинителство и Финансиската полиција. Во овие рамки би требало да дадат свое мислење и Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет. За сите овие работи е запознаена и Француската и Холандската амбасада. Деновиве очекувам средба со Американската и Германската амбасада – вели Илиевски.
Илиевски го информирал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дека неговиот заменик Агим Нухиу телефонски му се заканувал.
– Оптимист сум дека ќе победам затоа што законот е на моја страна. Ако се стремеж да бидеме дел од Европската Унија, треба да го почитуваме законот. Ќе одам до крај, законот е на моја страна – додава тој.
– Нема универзитет и факултет што работи без пропусти, но секогаш сум гледал тоа човечки да се реши. Секогаш сум имал притисоци, но ваков притисок каков што сега имам, сум немал. И ако се обидувале, да ми наметнат некои сугестии, секогаш сум се држел до Законот за високо образование и Законот за инспекциски надзор – вели Илиевски.
Согласно годишната програма на ДПИ, меѓу многуте задачи за извршување беше и согледување на наставно научните звања во државните, но и приватните универзитети и научни институти. За тоа беше направен акционен план, според кој по двајца или тројца инспектори одеа во институциите. На Тетовскиот универзитет отидовме 5 инспектори.
-Во април, јас како раководител, од добиениот список на 33 вработени лица во наставно научни звања, зедов 6 досиеја од кои 4 функционери: министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик министерот за МВР Агим Нухиу, директор на Завод за индустриска сопственост Сафет Емрули и заменик министерот за одбрана Беким Максути – вели Илиесвки.
-На 10 мај директорот на ДПИ Томе Спировски заедно со раководителот на секторот Африм Салиу свикуваат состанок, каде на тој состанок, покрај мене како раководител на одделението, беа присутни и колегите Предраг, Зоран, Весна, Снежана, Даниела и Кристина. Тогаш, директорот во врска со изведениот инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, Правен факултет посебно се осврна за моите констатирани состојби на тројцата правни функционери дека записниците и решенијата не смеат да се објават и треба да не излезат од инситуцијата во спротивно се закани дека ќе има последици кон мене. Дека ќе ми се одземат предметите, и тоа го повтори двапати, и дека може да следат и дисциплински мерки. Кон тие заканувања се приклучи и инспекторот Африм Салиу.
На овие закани, јас пред нив и колегите истакнав дека уште немам добиено произнесување од Универзитетот во врска со записниците. На тоа директорот ми одговори дека има произнесување, и изненадувањето да биде поголемо, на самиот состанок ми го даде произнесувањето на Универзитетот, а воедно ми ги даде и пликовите со картончиња кои ги пратив во Универзитетот преку архивата на 8 мај 2019. Таквото изненадување што ми ги даде, запишав дека го примам на 10 мај 2019 и дека јас лично не сум добил произнесување, ни Записникот дека го прифаќаат со забелешки – вели Илиевски.
За ваквата состојба ја информирав Комисијата за спречување на корупција и пратив допис до Универзитетот на 31 мај во кој ги известувам дека писмата испратени на 8 мај не биле примени.
-Во двете книги кои ги имам објавено, во 2015 година, а и во најновата книга која ја објавив пред три месеци, истакнав дека дисперзираните факултети се промашени инвестиции. Немаат квалитет и согласно Уставот на РМ, студентите треба да студираат и да имаат квалитетни студии, а дисперзираните како и многуте општествени факултети, како што имаме над 20 правни факултети го раѓаат неквалитетот и се девалвира високото образование.
За ова доволно говори што не нема на Шангајската листа и не не препознаваат во странство сме најниско ниво заедно со Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Самиот факт што за образованието да биде развоен ресурс треба да се вложува во научно истражувачките дејности, се издвојувањето од БДП е 0,22% што е едно од најниските нивоа.
Отворено во мојата книга „Состојби и потреби од квалитет во високото образование“ истакнав и во 2015 и сега, дека имаме над 160 факултети, над 600 студиски програми, премногу општествени студиски програми, кои не се компетитивни со пазарот на трудот.
Отворено проговорив за испитување на Универзитетот Апостол Павле во Охрид, Филмската академија во Охрид, Универзитетот Мајка Тереза во Скопје, МИТ Универзитетот. Во врска со Универзитетот во Тетово сме укажале дека политички отворените факултети немаат доволно наставен кадар, нема доволен простор и за целокупнава состојба, информирани беа министрите Тодоров, Кралев, Ристовски, Адеми, Дескоска и Адрбр Адеми, како и Одборот за евалуација кој што сега го води академик Владо Камабовски кој што Одбор за акредитација акредитира се и сешто – вели Илиевски.
Ја започнал неговата кариера како одделенски наставник во основното училиште „Ристе Ристески“ во село Долно Косоврасти и подрачното училиште во село Могорче, потоа работел како одделенски наставник во основното училиште „Братство единство“ во Дебар, па продолжил како педагог во ОУ „Моша Пијаде“ во Центар Жупа, за да потоа стане директор на детската градинка „Брешија“ во Дебар.
Додека работел како педагог во дебарскиот крај, ургирал кај оџите да разговараат со родителите на девојчињата за да им дозволуваат да го продолжат нивното школување, наместо да стапуваат во договорени бракови.
-Одржував разговори со родителите на девојчињата и бев среќен кога некои од нив ќе успеев да ги убедам да им дозволат на своите ќерки да продолжат со школување, но за жал со некои не успевав, па и покрај тоа што беа натпросечно успешни ученички, сепак го прекинаа образовниот процес поради договорени бракови од страна на нивните родители – се сеќава Илиевски.
– За својата активност во делот на образованието бев награден од тогашниот педагошки совет за особено истакнат педагошки работник. Потоа кон крајот на 90-тите бев потсекретар за основно образование, а во 2003 бев просветен општински инспектор во Кисела Вода – вели Илиевски.
Во Државниот просветен испекторат се вработува во 2006 година, како инспектор за високо образование, научни институти, студентски домови.
Од 2013 станува виш просветен инспектор и раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование. За неговата работа секогаш бил оценуван со највисоки оценки.









