Деветнаесет лица загинаа, а 30 се повредени во експлозија во близина на медицински центар во египетската престолнина Каиро, соопшти утринава Министерството за здравство, јавува ДПА.
Експлозијата пред Националниот институт за онкологија се случила доцна синоќа, по судир во кој учествувале повеќе автомобили, во јужната област Ал-Маниал, се вели во соопштението на Министерството.
Првично, министерството објави дека во инцидентот загинале 16 лица, а 21 лица се повредени.
Експлозијата, исто така, предизвика и голем пожар, што во меѓувреме бил изгаснат, јавувија државните медиуми.
Министерството за здравство соопшти дека пациентите од Центарот за онкологија се евакуирани во други болници низ Каиро.
На видео снимките можат да се видат неколку автомобили во пламен.
Експлозијата ја потресе областа околу реката Нил. Медицинскиот центар згрижува пациенти од цел Египет.
Универзитетот во Каиро, во кој институтот е негова членка, ги негираше тврдењата дека експлозијата се случила во рамки на медицинската установа или дека пожарот се проширил во центарот.
-Сите пациенти и вработени во центарот се добро, соопштија од државниот универзитет, пренесе ДПА.
Државниот обвинител на Египет нареди истрага за инцидентот, објави државната телевизија.




