„Охридски комуналец“ ги раскина трите договори со фирмата на советникот од ДУИ, Нефи Усеини, по мислењето од Антикорупциската комисија за постоење судир на интерси.
Се раскинуваат договорите за набавка на градежни материјали, за користење возило специјализирано за сечење дрвја, како и за користење механизација за тековно одржување на депонијата „Буково“.
До изборот на нов правен субјетк, депонијата „Буково“ ќе ја одржува Јавното претпријатие со свои ресурси и позајмена механизација.
Антикорупциската комисија реагираше откако фирмата на Усеини „Нефи ИК“ конкурираше на тендерот за уривање на дивоградби.
Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство. Имено, фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини, или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на совет. Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи“, соопштија од Антикорупциската комисија.