Американската кантри-поп ѕвезда Тејлор Свифт ја доби наградата „Музичар на годината“ на овогодинешното доделување на Американските музички награди. Таа воедно освои четири награди.
Дваесет и три-годишната Свифт победи во конкуренција на Џастин Тимберлејк, Ријана, Бруно Марс и Меклмор со Рајан Луис, а признанието го добива веќе трета година по ред и таа е пејачка која најмногу пати победила во оваа категорија.
Тимберлејк, кој годинава се врати на музичката сцена по пауза од пет години со албумот The 20/20 Experience, беше номиниран во пет категории, а победи во три, меѓу кои и за најомилен поп-рок изведувач.
Номинираните и добитниците на Американските музички награди ги избира јавноста, гласајќи преку Интернет и Твитер.
Британскиот бенд One Direction ги победи Свифт и Тимберлејк во категоријата за најдобар поп-рок албум, со „Take me home“.
Ријана ја доби наградата за музичка икона, a политичкиот сатиричар Бил Маер ја најави како „гласот на 21 век“. Ријана, која има продадено 50 милиони албуми низ светот, исто така, ја освои и наградата за омилена соул-аренби пејачка.