„После 7 години на работ на пропаѓањето на земјоделското производство, поради погубните аграрни политики на актуелната власт, најавуваме битка за домашното производство на храна и за достоинствен живот на земјоделецот“, изјави пред новинарите Ленче Николовска, Претседател на Собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Овој период се искористи само за корумпирање и заплашување на земјоделците со субвенциите кои им следуваат со закон. Овој период се намалија површините под земјоделски култури, годишно 200 000 ха остануваат необработени, се намали добиточниот фонд, некаде и за 50%, а увозот на храна достигна близу 700 милиони евра.
– Не смееме да ја оставиме владата и натаму да го уништува македонскиот аграр, создавајќи лажна слика преку скапите реклами кои служат за граѓаните да мислат дека земјоделците живеат добро и не смеат да се жалат.
– Вистината за жал е многу сурова, нерешен пласман, задоцнети субвенции, скапа нафта, ѓубрива, неквалитетни заштитни средства, омаловажени и потценети земјоделски производители.
– Земјоделската програма на СДСМ е сеопфатна има решенија за сите области но главните, најважните мерки се одговор на барањата на земјоделците и агробизнисмените изминативе седум години.
1. Субвенции до вистинските земјоделци со одредена динамика на исплата, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни.
2. Зелена нафта или 50% поефтина нафта како што имаат сите земјоделци од регионот.
3. Инвестиции во наводнувањето. 10 милиони евра секоја година за системи за наводнување или 30% субвенции за копање на артерски бунари.
4. Сигурен пласман преку изградба на откупни центри и инвестиции во преработувачки капацитети.
5. Нула проценти персонален данок за земјоделците
6. Бенифициран земјоделски стаж.
Од денеска најавувам едно жестоко темпо кое ќе го наметнеме во следење на состојбите во аграрот и притисок врз власта да ги решава проблемите на земјоделците, рече на крај Николовска.