Обвинителството во италијанскиот град Агриџенто нареди запленување на бродот „Опен армс“ што е усидрен во близина на островот Лампедуза, како и моментална евакуација на сите бегалци од бродот.
Италијанската агенција АНСА пренесе дека одлуката е донесена откако главниот обвинител го посетил бродот во текот на вчерашното попладне, заедно со екипа лекари.
Бродот 19 дена се наоѓа во близина на островот Лампедуза, а на него се речиси 100 мигранти. Дел од нив почнаа да скокаат во морето барајќи спас од хуманитарната криза во која се најде бродот.
Мигрантите по ова наредба уште ноќеска почнааа да се симнуваат од бродот и да се префрлаат на италијанскиот остров.
Британските медиуми наведуваат дека мигрантите, од кои поголем дел се од Африка, се евакуирани по наредба на локалниот јавен обвинител.
Административниот суд во Рим пред една недела донесе пресуда да им се дозволи на мигрантите да стапат на италијанско тло, прифаќајќи ја жалбата на шпанската организација на одлуката на италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини да не им дозволи, иако шест европски земји се согласија да ги прифатат. Но оваа одлука Салвини не ја почитуваше.




