Претседателот на Бразил им нареди на вооружените сили да се вклучат во гаснењето на шумските пожари во Амазон, откако меѓународната заедница изрази револт од реакцијата на бразилските власти на овој досега невиден акт на уништување на шумите.
Претседателот Жаир Болсонаро распореди војници во природните резервати, териториите населени со домородци и пограничните области, што се смета за очигледен пресврт во политиката на Болсонаро, кого меѓународната заедница го обвини дека ги поддржува рударите и дрвосечачите кои ги уништуваат шумите.
Неколку земји се заканија дека бразилската еономија ќе претрпи загуби, доколку властите не преземат нешто за запирање на пожарите.
Франција и Ирска изјавија дека нема да ратификуваат голем трговски договори со јужноамериканските нации, а министерот за финансии на Финска побара од ЕУ да размисли за забрана за увоз на бразилско говедско месо.
Во телевизиското обраќање до нацијата вчера, Болсонаро рече дека шумските пожари „постојат во целиот свет“ и „не можат да послужат како изговор за можни меѓународни санкции“.
За големиот број пожари се смета дека се подметнати заради земјиште. Болсонаро ги разгневи активистите за животна средина откако даде отворена поддршка за расчистување на областите во Амазон за да се користат за земјоделство и рударство. Според екологистите, тоа значи зелено светло за уништување на дождовните шуми. Организациите за заштита на животната средина вчера одржаа протести во градовите ширум Бразил, барајќи итна акција за борба против пожарите, а демонстрантите се собраа и пред бразилските амбасади низ целиот свет.
Пожарите се предизвикани од човечки фактор-Амазонија е неповратно оштетена





