Вознемирувачки сателитски снимки на НАСА од вселената укажуваат на огромниот размер на пожарите што ја зафатија Амазонската прашума, честопати нарекувана како „белите дробови на светот“.
Пожарот и чадот од Амазон се јасно видливи од вселената, а фотографиите на НАСА покажуваат дека ситуацијата во неколку бразилски држави е застрашувачка.
Снимките на НАСА покажуваат интензивирање на пожарите и чадот во бразилските држави Рондонија, Мато Гросо и Амазонас.
Повеќе од половина од пожарите се наоѓаат во огромниот басен на Амазон, каде живеат повеќе од 20 милиони луѓе.
Повеќе од 75.000 пожари избувнаа од почетокот на годинава, што е за 83 проценти повеќе од лани, и најмногу откако се води евиденција за тоа
Во меѓувреме, со поддршка на воени авиони, бразилските војници почнаа да се распоредуваат низ прашуми во Амазонија за да се борат со пожарите што го зафатија регионот со рекорден интензитет.
Првата мисија ќе ја извршат 700 војници околу Порто Веља, главниот град на бразилската држава Рондонија, изјави министерот за одбрана Фернандо Асеведо.
Шест бразилски држави побарале федерална помош, додаде министерот. Тоа се Рондонија, Рораима, Токантинс, Пара, Акра и Мато Гросо.
Вкупно ќе бидат распоредени 44.000 војници за гаснење пожари, а два авиона Ц-130 Херкулес ќе користи војската.





