Самитот на лидерите на Г7 продолжува денеска во Биариц, со дебати за големите разлики во ставовите околу тензиите во светската трговија, излегувањето на Велика Британија од ЕУ и реакцијата на пожарите на Амазон.
Францускиот претседател Емануел Макрон, домаќин на самитот, планираше тридневната средба во Биариц да биде шанса за обединување на индустриски најразвиените земји, кои имаат потешкотии да зборуваат со еден глас во последните години.
Макрон постави агенда за самитот на групата, во која се Франција, Велика Британија, Канада, Германија, Италија, Јапонија и САД, која вклучува прашања за одбрана на демократијата, образованието и животната средина и ги покани лидерите на Азија, Африка и Јужна Америка да им се придружат во решавањето на тие прашања на глобално ниво.
Но, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изнесе „тажна проценка за односите“ меѓу поранешните блиски сојузници, велејќи дека е се потешко да се најде заеднички јазик.
„Ова е уште еден самит на Г7 што ќе биде тежок тест за единството и солидарноста на слободниот свет и неговите водачи. Ова е можеби последниот момент за обнова на нашата политичка заедница“, рече Туск пред новинарите пред состанокот.
Пред самитот, Туск и британскиот премиер Борис Џонсон се судрија околу тоа кој треба да биде обвинет доколку Велика Британија ја напушти ЕУ на 31 октомври, без договор.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој го напушти самитот минатата година не сакајќи да потпише конечна изјава, пристигна во Франција еден ден откако и возврати на Кина со воведување царински такси од пет проценти за кинески стоки во вредност од 550 милијарди долари.
„Досега е добро. Многу ќе постигнеме овој викенд“, им рече Трамп на новинарите додека седеше на терасата со Макрон.
68 апсења и 38 изречени мерки притвор
Според префектурата Пиринеј-Атлантик, 68 лица биле уапсени, а 38 биле задржани во притвор, на демонстрациите против Г-7 во Бајон, соседен град на Биариц, јави МИА.
Противниците на Г7 се многубројни, а тие вчера покажаа дека имаат намера да го дадат на знаење, насекаде и со сите можни средства. Повикот за голем собир беше објавен пред неколку недели. Утрото се одржа собир во Хендаи, граничен град со Шпанија, под раководство на колективно здружение за борба против глобализацијата, еколозите, синдикати и политички партии.
Под знамето „Г7 Ез“ („Г7 не“, на баскиски) и под жешкото сонце, имаше речиси 15.000 демонстранти. Поворката помина 4 километри до Фикоба, конгресен центар преку границата во Ирун, каде што оваа недела се одржуваа дебати и конференции во контекст на контра-самитот.
Многу семејства, млади луѓе со пароли во прилог на екологијата, Шпанците и другите националности беа присутни на контра-самитот.
За организаторите, вчерашната утринска демонстрација беше „голем успех“. Настанот главно се одржуваше во особено мирна и пацифистичка атмосфера и, зачудувачки за деновиве во регионот, без видливи полициски сили по патот на поворката.
Друга беше атмосферата во Бајон во попладневните часови, каде се очекуваше и стравуваше мобилизација на „анти-самитот“, што го потврдија многу импресивните полициски сили кои го опседнаа градот уште од раните утрински часови. Продавниците во најголем дел ги спуштија железните завеси, па дури и ги заштитуваа своите прозорци со големи дрвени штици. До 18 часот, градот беше изненадувачки тивок, пред да започне поворката на повеќе од 500 луѓе.
На влезот во Понт Сент Ескрит, кој се протега на Адор, демонстрантите беа блокирани и одвраќани со млазници вода, а потоа и солзавец. Во поворката, многу учсеници носеа фантомки и фрлаа камења против силите на редот. Разочарани од утринските демонстрации, некои „црни блокови“ кои ги идентификуваше полицијата беа распоредени во областа Петит Бајон, пред да се обидат да извршат напади низ целиот град.
Во раните вечерни часови, ситуацијата сè уште беше напната. Демонстрациите завршија околу 20:30 часот.
Префектурата Пиринеј-Атлантик објави дека се уапсени 68 лица, а 38 се задржани во притвор. Мерката притивор е изречена „особено за учество во група за извршување насилство или деградација, поседување предмети што би можеле да се користат како оружје за намена, прикривање на лице и фрлање проектил“
Нови мобилизации се очекуваат и денеска во Бајон. Првично беа планирани на најмалку седум места околу Биариц. Конечно, заради „преголемата полициска машинерија“ и да се обезбеди сигурност на демонстрантите, „ќе се организира нова акција во форма на народен ѕид со цел да се осуди состојбата на опсадата во која се наоѓа на Баскиската земја и кршењата на правото за да се демонстрира“.
Русија ќе разгледа евентуален повик за влез во Г7 на следниот самит во САД
Кремљ ќе размисли за повик до Русија за учество на следниот самит на Г7 во САД доколку го добие, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„На прес-конференцијата, претседателот Путин веќе одговори дека ако (поканата) пристигне, ние дефинитивно ќе ја разгледаме“, рече Песков.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Биариц дека е „сигурно можно“ Русија да биде поканета на следниот самит на Г7, што ќе се одржи во САД.






