Американскиот претседател Доналд Трамп не присуствуваше на денешните разговори за климатските промени и биодиверзитетот на Самитот на Г7, а домаќинот на средбата – францускиот претседател Емануел Макрон објасни дека неговиот американски колега бил зафатен со билатерални средби.
Макрон рече дека Трамп ги поддржува напорите на лидерите на најразвиените земји да се борат против пожарите во прашумите на Амазонија.
– Тој не беше присутен, но неговиот тим беше тука. Не би требале да го интерпретирате отстуството на американскиот претседател…САД се со нас во однос на биодиверзитетот и иницијативата за Амазон, рече Макрон на прес-конференцијата во Бијариц.
Лидерите на земјите од Г7 денеска постигнаа договор на самитот во Бијариц со 20 милиони долари финансиски да се помогне во напорите за гасење на пожарите во Амазонија.
-Реалноста е дека за итна помош навистина е потребно финансирање, бидејќи нема доволно пари за да се овозможи да полетаат авионите за борба против пожарите, изјави анонимен извор за британските медиуми, што ја потврди бројката од 20 милиони долари.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги предупреди лидерите од Г7 дека светот се соочува со „итна климатска криза од драматични размери“.
Тој потенцираше дека ледената капа на Гренланд (ледена маса која прекрива околу 50.000 километри квадратни површина) „драматично“ се топи, потсетувајќи дека од 2015 до 2019 година се „петте најтопли години од кога се води евиденција.
Гутереш изрази увереност дека државите, градовите и фирмите се „способни да одговорат на климатските промени“.
Генералниот секретар на Светската организација ги повика лидерите од Г7 на 23 септември во Њујорк да се согласат намалувањето на емитувањето стакленички гасови да биде поголемо отколку што ветија на меѓународната конференција за климата во Париз 2015 година.
– Во многу полоша ситуација сме отколку што бевме за време на Парискиот договор…и поради тоа е апсолутно неопходно земјите да се обврзат да го зголемат ветеното во Париз, потенцираше Гутереш на последниот ден од Самитот на Г7 во Бијариц.
Во меѓувреме, меѓународната организација за миграции при ОН предупредува дека поради последиците од суши, поплави, пожари и глад, поврзани со климатските промени, меѓу 25 милиони до милијарда луѓе до 2050 година ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови.
Според научната студија објавена во списанието „Сајнс“ најверојатно тоа ќе биде случај со околу 200 милиони луѓе.
Група меѓународни научници. сметаат дека за да се избегне сценарио на хаотично масовно бегство со кое ќе се казнат сиромашните во светот, треба навреме да се почне со планирање на неизбежното „повлекување“ од крајбрежните градови.
„Соочени со глобалното затоплување, зголемување на нивото на морињата и климатските екстреми кои покажуваат тенденција на засилување, веќе не го ни поставуваме прашањето дали некои заедници ќе мора да се повлечат од крајбрежјето за да се спасат и за да избегнат материјална штета, туку зошто, каде, кога и како ќе се реализира повлекувањето“, тврдат авторите на трудот.
Тие веруваат дека повлекувањето од крајбрежните подрачја би можело да претставува поволност за ревитализација на заедниците и прераспределба на богатствата на поодржлив начин. Тоа би можела да биде и можност да се субвенционираат нови училишта, болници и да се осигура поволно сместување во безбедните региони во внатрешноста, наместо преземање задоцнети чекори во ризични подрачја, како што се изградба на скапи заштитни ѕидови во близина на морето за да се заштитат градовите кои и претходно биле пустошени од силни бури.




