На македонската писателка Лидија Димковска, меѓу 12-те европски лауреати, пред два дена во Брисел и беше врачена наградата за литература на Европската Унија, за нејзиниот роман „Резервен живот“.
На својот Фесјбук профил таа денеска напиша:
– Морам да го споделам и ова со вас зашто не знам колку сме свесни за ваквите работи што се случуваат дури и во странство и по вакви поводи – не само што на доделувањето на наградата во Брисел не дојдоа македонскиот амбасадор и дописничката, што за мене како личност е од најмало значење, но во пошироки културни и политички рамки е од огромно, но и самите европски комесари (со исклучок на Дорис Пак која лично ми рече дека секогаш Македонија ја вика само Македонија) цело време додека бев таму го употребуваа ФИРОМ, па на главната проба за церемонијата со наградите една од госпоѓите од администрацијата кога требаше да ме повика мене извика едноставно ФИРОМ! И реков дека нема да излезам ако рече така и на доделувањето.
– На доделувањето ме најавија од Former Yougoslav Republic of Macedonia. Што можев да направам освен да одржам кус политички говор? Дали некој друг од останатите единаесет добитници на наградата имаше потреба од такво нешто? Не. Да беше таму дописничката ќе имаше за што да извести. Секогаш одново сум/сме ставени во ситуација да реагирам/е и да се вознемирувам/е наместо едноставно да си се радувам/е на самиот настан. А после Брисел морам да признаам дека сум се поголем песимист дека проблемот со името еднаш засекогаш ќе се реши, објави на ФБ писателката Димковска.
Наградата за литература на ЕУ е востановена во 2009 година. Таа се доделува годишно, на писатели од 12 земји што се дел од Програмата за култура на ЕУ, по принцип на ротација. Оваа година наградата ја добиваат писатели од Белгија, Босна и Херцеговина, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Шпанија и од Македонија.
Македонија вторпат ја добива наградата за литература од ЕУ. Писателот Гоце Смилевски за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во 2010 година го доби истото признание.