Гигс-day на Островот каде што се игра најдобриот и најскапиот фудбал на денешницата. Фудбалерот на Mанчестер Јунајтед, Рајан Гигс изјави дека денес не станува од креветот за да ги избегне шегите на соиграчите на тренинг по повод својот 40ти роденден.
„Тоа е важна работа, пресвртница, но се трудам да не мислам за тоа. Не знам дали момците нешто планираат, но за секој случај, не одам. Ќе останам во кревет. Ќе бидам среќен кога ќе се заврши“, изјави Гигс.
Целата кариера ја мина во Манчестер Јунајтед, а од оваа сезона е и во стручниот штаб на Дејвид Мојс. Важно е да се напомене дека и на 40 години тој сеуште игра на највисоко ниво во фудбалот, во Премиер лигата и Лигата на Шампионите.
За клубот од „Олд Трафорд“ дебитираше во сезоната 1990/91 и до сега одигра 953 меча и постигна 168 гола. Тој освои 13 титули во Премиер лигата, по четири Лига и ФА купа, две во Лигата на шампиони, Европски Суперкуп, Интерконтинентален куп, Светско клупско првенство и девет трофеи во Комјунити шилд.
-Да заминев во друг клуб до сега веќе ќе ја завршев кариерата. Среќен сум што играв само во еден клуб, опкружен со добри играчи. Исто така имам и добар тренер, се чувам и се обидувам да му се наметнам на тренерот со секојдневно залагање на тренингот. Уживам и се трудам да и помогнам на екипата“, истакна легендарниот Велшанец. „Не знам што помладите играчи мислат за мене. Кога имав 17 и 18 години мислев дека 31-годишните фудбалери се стари. А еве сега имам 40 години. Понекогаш е тешко, но и натаму уживам“.
За репрезентацијата на Велс одигра 64 натпревари и постигна 12 гола, а минатото лето беше капитен на репрезентацијата на Велика Британија на Олимписките игри во Лондон.