Во периодот од јануари 2015 година до 7 февруари 2017 година, обвинетиот директор на РЕК Битола не се придржувал кон прописите за заштита на животна средина и дозволил користење на погон кој ја загадува животната средина. Кукоски дозволил отпепелувањето на пепелта која се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето.
Како резултат на тоа, биле одлагани големи количини непокриена пепел кои во март 2017 година достигнале површина од 50.000м2. При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето кои живеат во населените места околу РЕК Битола. Летечката пепел која се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението кое работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола, соопшти ОЈО.
Кривичната пријава која до ЈО беше поднесена во февруари минатата година се бараше одговорност и другите директори на РЕК Битола: Јовко Крстевски, директор на РЕК Битола од 2014 до 2017 година, Оливер Зикоски директор на производство во РЕК Битола, Зоран Михајловски раководител во РЕК Битола и Симон Атанасов директор на депонијата за отпепелување.
Пријава до СВР Битола во мај 2017 ја поднесоа од невладината организација „За нас се работи“ со која бараа да се утврди кривична одговорност на раководни лица во РЕК Битола и ЕЛЕМ бидејќи „од 2010 година не презеле мерки за заштита на животната средина, за да се спречи ширење на радиоактивниот отпад од депонијата во близина на РЕК Битола, во село Новаци“.
Резултатите од анализата направени пред две години, покажаа дека во еден поширок регион околу РЕК Битола, до границата на самиот град имаше за неколкупати зголемени емисии со цврсти честички од тешки метали како што се бакар, хром, никел и уште неколку метали, а честички ураниум 238 беа детектирани и на Пелистер .