Денешното рочиште за предметот „Транспортер“ е одложено поради одлуката за преземање на предметите од СЈО.
На почеток од расправата, судијата Добрила Кацарска рече дека имајќи предвид оти изминал рокот од три дена за преместување на предметите, и објавеното соопштение на Обвинителот Љубомир Јовески за преземање на предметите од СЈО, оневозможена е работата на судечкиот совет.
– Се надевам дека следните денови оваа ситуација во која што е целото македонско судство на некој начин заробено, не може да суди поради ваквата ситуација, па денешната расправа се одлага, а термините кои што се закажани од порано си остануваат. Расправата продолжува на 16 овој месец, рече Кацараска.
На ова реагираше обвинителот на СЈО, Траче Пеливанов, но Кацарска остана на ставот дека рочиштето мора да се одложи, притоа укажувајќи му на обвинителот дека нејзините колеги кои судат предмети од сферата на организираниот криминал биле во дилема како да постапуваат изминатите денови.
Во случајот „Транспортер“ обвинети се поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола. Штетата, според обвинителниот акт, се проценува на околу 360.000 евра.