Иднината на франшизата „Брзи и бесни“ е во неизвесност. По трагичната смрт на актерот Пол Вокер, извршните продуценти од студиото „Универзал“, кој стојат зад ова филмско остварување, имале итен состанокт во неделата, за да разговараат за иднината на филмот, пренесува „Холивуд Репортер“. Според најавеното, снимањето ќе биде одложено но не и комплетно згаснато.
Производството паузираше поради „Денот на благодарноста“ и требаше да продолжи неделава во Атланта, но по смртта на Вокер ќе биде во прекин.
Режисерот на „Брзи и бесни 7“, Џејмс Вен, на состанокот со „Универзал“ разговарал за иднината на проектот, за тоа како да се поправи сценариото, и како да се продолжи на начин кој би бил соодветен со почит кон смртта на Вокер.
Вокер, кој и во седмото продолжение на филмот ја толкува улогата на Брајан О’Конор, работеше на филмот од месец септември.
Според некои медиуми кои се занимаваат со филмското платно, засега не е јасно до каде е филмот, додека според други, продукцијата е веќе повеќе од половина снимана.
Во саботата, „Универзал“ објавија соопштение по трагедијата:
„Секој од нас во „Универзал“ чувствува неизмерна болка. Пол навистина беше еден од најсаканите и најпочитуваните членови на ова студио, веќе 14 години, и оваа загуба е погубна и за нас, секој кој е вклучен во „Брзи и бесни“ филмовите и нашите бројни фанови. Испраќаме наши длабоки и искрени сочуства до неговата фамилија“.
На 30 ноември, Пол Вокер почина на 40-годишна возраст во сообраќајна несреќа близу Лос Анџелес. Тој и неговиот долгогодишен пријател, Роџер Роудс, кој го возел автомобилот, биле на пат кон хуманитарна манифестација на организацијата на Пол Вокер, „Reach out Worldwide“.