Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер денеска изјави дека ризикот Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор за излез се уште е „многу реален“.
Говорејќи пред Европскиот парламент, Јункер рече дека таквиот Брегзит „можеби е избор на Велика Британија, но никогаш нема да биде избор на ЕУ“.
Европскиот парламент денеска расправа за Брегзит и ќе усвои резолуција во која ќе ја изрази својата загриженост.
Главниот камен на сопнување во договорот за Брегзит е решението за ирската граница, таканаречениот „бекстоп“, според кој Велика Британија ќе мора да задржи некои трговски правила на ЕУ.
Јункер рече дека тој „не е сентиментално поврзан за бекстоп“, но оти е „врзан за целта на таа одредба“.
– Побарав од британскиот премиер да посочи алтернативни аранжмани кои ќе ги смисли, рече Јункер кој во понеделникот разговараше со премиерот Борис Џонсон.
Преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние пак, му порача на Џонсон да престане да се преправа дека преговара за договор за Брегзит.
Изјавата доаѓа по извештаите дека предлозите донесени во Брисел од страна на британските преговарачи се всушност дел од стариот договор, при што делот за ирскиот „бекстоп“ бил едноставно прецртан во текстот.
– Речиси три години по референдумот во Велика Британија за напуштање на ЕУ, мислам дека не треба да трошиме повеќе време, преправајќи се дека преговараме. Мислам дека треба одлучно да да продолжиме напред, изјави Барние пред Европскиот парламент.
Тој уште рече дека ЕУ е отворена за каков и да е предлог од Велика Британија и дека се подготвени за деноноќна работа за да се постигне прогрес.
– И ако Велика Британија замине без договор, би потсетил дека овие прашања нема да исчезнат. Тие се регулирани со договорот за повлекување, опфатени се – но сепак остануваат. Без разлика дали зборуваме за мирот во Ирска, правата на граѓаните, буџетските прашања, сите тие треба да се решат, потенцираше Барние.




