Амбасадорите на земјите членки се изјаснија за кандидатурата на Романката Лаура Ковеши на функцијата европски обвинител.
Претходно и Европскиот Парламент ја поддржа Ковеши и со денешното гласање на ниво на земјите членки, Романката е речиси сигурна дека ќе стане првата обвинителка на ниво на ЕУ и покрај противењето на романската влада.
Лаура Ковеши беше на мета на социјалдемократската влада во Романија последните месеци поради нејзината работа како специјален обвинител. Ковеши беше разрешена, а Владата во Букурешт не ја поддржа нејзината кандидатура за европски обвинител.
Ковеши успеа да изведе пред Суд 1.000 функционери под обвинение за корупција, меѓу нив и тројца министри, шест пратеници, поранешен претседател на Парламентот, 28 градоначалници, 38 директори на јавни институции и еден сенатор, но партијата на власт ја разреши поради обвинување дека случаите кои ги презела биле политички мотивирани.
Повеќе европратеници ја поздравија одлуката на амбасадорите на ЕУ денеска како и искуството и интегритетот на Ковеши.
Како ЕУ обвинителка Ковеши ќе биде задолжена да ги гони злоупотребите на европските фондови во земјите членки.




