Милиони луѓе ширум светот денеска учествуваат во глобалните протести за климата.
Луѓето ширум светот ги повикаа светските водачи да преземат итна акција на самитот на ОН за климата за да спречат еколошка катастрофа.
Протестите се планирани во околу 150 земји и беа инспирирани од 16-годишната шведска активистка Грета Тунберг, која ќе го предводи митингот во Њујорк.
Организаторите соопштија дека 300.000 луѓе се собрале ширум Австралија, јави Би-Би-Си.
Со транспаренти: „Океаните се зголемуваат, но и ние“ или „Не ја започнавме кризата, но се бориме против неа“, студентите протестираа денеска во Сиднеј, Мелбурн, Алис Спрингс и други австралиски градови.
Голем број луѓе се собраа во Берлин. Грета Тунберг напиша на Твитер дека има повеќе од 80.000.
Двајца демонстранти уапсени се во Лондон за нарушување на јавниот ред и мир, соопшти полицијата.
Протести имаше и во Копенхаген, Хелсинки и Стокхолм.
Неколку илјади луѓе се собраа во главниот град на Данска, носејќи чадори и транспаренти „Законодавци, запознајте се со вашата клима“.

Во главниот град на Финска, еден човек облечен во костум на Дедо Мраз носеше транспарент пред зградата на Парламентот: „Мојата куќа гори, елените не знаат како да пливаат“.
Илјадници студенти се собраа во Прага и во други градови низ Чешка. Тие носеа транспаренти „Повеќе Љубов, помалку јаглен“ и „Наука, не молк“.
Протести имаше и во Словачка, вклучително и Братислава.
Во Москва протестира само едно лице, Аршак Макичијан, кој организира протести речиси половина година. Владата редовно ги отфрла неговите апликации за групни протести.
Нигеријците во Абуџа и Лагос, како и во Најроби и Преторија, исто така излегоа на улиците.
Се протестира на Соломонските острови, според фотографиите објавени на Твитер од еколошката организација 350 Пацифик.
“Планетата станува пожешка од мене”; “Спасете ја планетата”; “Климата се менува, зошто и ние не се менуваме”, беа дел од пораките што ги упатија учениците на протестот во Атина.
Некои ослободени од настава од професорите, други по цена да добијат неоправдани изостаноци, но со одобрение и поддршка од родителите, и едните и другите со плакати во рацете и порака дека треба сите да придонесеме за спас на планетата. Ученици од различни училишта се собраа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина.
Најголемите протести против климатските промени во историјата на земјата се очекуваат во Индија. Два марша ќе се одржат во главниот град Њу Делхи и протестите треба да траат една недела.
Стотици претежно помлади луѓе се собраа и во Кабул, а на чело на колоната, неколку девојчиња носеа транспарент „Петок за иднината“.
Мала група демонстранти протестираа и во Токио, додека околу 3.000 деца маршираа пред Парламентот во Бангладеш.
Денеска и Скопје беше дел од глобалниот бран на протести кои бараат решавање на климатската криза и спас за животната средина. Протестот се одржа пред Владата.

Активистите од иницијативата „Fridays for future Скопје“, заедно со поддржувачи од повеќе генерации, денеска на постер пред влезот на владината зграда залепија постер со неколку барања: Прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво. Активирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатски промени, затворање на постоечките електрани на јаглен и преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година, план за намалување на употребата на автомобили, заедно со комплетна обнова и проширување на капацитетите на јавниот транспорт, воведување на климатската проблематика во формалното образование.
Ова е само прв ден од серијата настани од Неделата за иднината, која се одвива локално, но и низ стотици градови низ светот.
Тунберг: Пресвртница за општеството
Грета Тунберг, која e иницијатор на климатски митинзи низ целиот свет, денеска изрази надеж дека општеството дојде до „пресврт“.
Иако нема официјални бројки за бројот на учесници во протестите низ целиот свет, Грета Тунберг рече дека се радува доколку се бројат со милиони.
– Бројките се неверојатни. Кога ги гледам видеата, едноставно не ми се верува, рече тинејџерката пред да се приклучи на митингот во Њујорк.
– Се надевам дека ќе биде пресвртна точка за општеството, бидејќи гледаме колку луѓе се подготвени да извршат притисок врз политичарите, особено пред самитот за климата на ОН следната недела во Њујорк, рече младата Швеѓанка.