Друштвото на писателите на Македонија од 18 до 20 декември ќе организира Денови на Блаже Конески, со што ќе се оддаде почит на еден од водечките македонски поети, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација.
На 18 декември членови на ДПМ ќе имаат заеднички настап со младите литерати од неколку училишта во Скопје на симболично наречен „Час за Блаже Конески“. На 19 декември во Домот на македонските писатели ќе се одржи средба со наслов „Посланието на Блаже Конески“ на која ќе зборува академик Георги Старделов.
Притоа ќе биде промовирано руското издание на последните шест стихозбирки на Блаже Конески, неодамна објавени во Москва во превод на Олга Панкина. На 20 декември во ДПМ ќе настапат четириесет поети на манифестацијата „Средба на генерациите“.
За време на одржувањето на Деновите на Блаже Конески, претсавници на ДПМ ќе положат свежо цвеќе на гробот на поетот, по повод 20-годишнината од неговата смрт.