Видео од архивата на НОВА, кога со Никола Атанасов разговаравме на тема „Додатокот на пензиите кај националните уметници“
Атанасов важи за вонреден уметник, еминентен педагог, професор по флејта познат на целиот Балкан, неуморен деец како општественик делегиран во сите институции на културата во Македонија… личност која е именувана за легенда во музичката уметност.
Тој е роден во 1939 година во Просeчани, во 1964 година завршува Музичка академија во Љубљана, а како стипендист на италијанската влада една година престојува на Академијата Санта Чичилија во Рим на специјализација. Потоа се враќа во Македонија и се вработува како прв флејтист во оперскиот оркестар на МНТ каде останува до крајот на својот работен век.
Постојан солист беше на Mакедонска филхармонија, на камерниот ансамбл за современа музика Св. Софија, солист на камерниот оркестар на радио Скопје. Голем број на солистички концерти, како и концерти со Трио Скопје, освен во Република Македонија има одржано во сите поголеми градови во бившите југословенски републики, но и во речиси сите главни градови во Европа и пошироко.
Флејтистот Атанасов има добиено многубројни стручни награди, дипломи, благодарници и највисоки државни признанија како што се „11 Октомври“, „Свети Климент Охридски“, плакета „13 Ноември“, „Киро Буровски“, „Златна лира“ и голем број други награди и признанија за најуспешни концерти на годината, како и признанија во бившите југословенски републики.
Комеморацијата во негова чест ќе се одржи утре во 10:30 часот во НУ Македонска Опера и Балет, а ќе биде погребан на Градските гробишта Бутел, Скопје во 12:30 часот.
НОВА се сеќава
Екипата на НОВА последен пат со овој извонреден уметник разговараше на 11 јули годинава, во однос на додатокот на платите кои им доцнеше на националните уметници.
НОВА им се заблагодарува на господинот Атанасов и неговата фамилија за прекрасното добредојде во нивниот дом, и можноста да се разговара со еминентен уметник.