Од утре Скопје ќе биде домаќин на третиот Скејтбординг натпревар ONE MORE TRY Skopje, кој ќе се одржи на неколку локации низ градот. Овој настан се одржува еднаш годишно и е единствен од ваков тип во регионот. Натпреварот е отворен за скејтери од сите возрасти. Атмосферата ќе биде дополнета со многу музика, дружба и одлични трикови.
Почнувајќи од сабота (28 септември), скејтерите ќе се натпреваруваат на две локации. Првата локација е Кејот на Вардар, под Камениот мост, каде ќе се одржи класичен “Cash4Tricks” натпревар. Висината на наградата ќе зависи од сложеноста, стилот и успешното слетување на трикот. Потоа натпреварот ќе продолжи на новоотворениот полигон „Pump Track“ кај Олимпискиот базен, каде ќе се наградуваат најбрзите.
Кој ќе има уште енергија после првиот ден, ќе продолжи во недела (29 септември) на демо сесијата од неколку мини игри што ќе се одржат на спортското игралиште на поранешната спортска сала „Партизан“ во Градскиот парк.
Натпреварот ќе кулминира со уште еден “Cash4Tricks” натпревар во рамките на кој скејтерите ќе прескокнуваат голема пречка и на која ќе ги пробаат најтешките трикови. За каква пречка се работи посетителите ќе можат да откријат само во Недела.
Настанот се одржува под покровителство на Град Скопје.
Програма:
28.09 Сабота
15:00h Кеј (кај Камени Мост)
18:00h Памп Трак
29.09 Недела
15:00h Игралиште Партизан
18:00h Фонтана Лотус (Градски Парк)