Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, предложи нов кандидат за Европска комисија, откако европарламентарците вчера по вторпат не го одобрија неговиот првично предложен кандидат за еврокомесар за проширување Ласло Трочањи.
Новиот предлог на Орбан е Оливер Вархели, амбасадор на земјата во ЕУ од 2015 година, потврди Орбан доцна синоќа на заедничката прес-конференција со премиерот на Финска, Анти Рин во Будимпешта. Орбан истакна дека го прифатил барањето на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, да предложи замена за Трочањи. Орбан посочи дека Вархели ќе биде кандидат заистото место – комесар за проширување и добрососедска политика.
Вархели сега ќе ја помине вообичаената постапка: ќе биде предложен од Фон дер Лејен, ќе достави изјава за интерес, а Европскиот совет ќе треба да одобри нов список на идните комесари.
За разлика од Трочањи, кој беше поранешен министер за правда во владата на Орбан, Вархели се смета за личност која била во ниските нивоа на власт во Унгарија за да може да се смета за лично одговорен за унгарската политика.
Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент вчера изгласа дека двајцата назначени комесари од Романија и Унгарија Ласло Трочањи и Рована Плумб не се во можност да ги извршуваат неговите или нејзините функции во согласност со договорите и Кодексот на однесување
Минатата недела, за првпат, беа отфрлени двајца кандидати од страна на комисијата за правни прашања на Европскиот Парламент, пред воопшто да се одржат официјалните сослушувања кои почнаа денеска. Пратениците оценија дека во случајот на унгарскиот кандидати Ласло Трочањи и Романката Рована Плумб не ги задоволуваат критериумите во однос на конфликт на интереси.




