Европската комесарка за трговија Сесилија Малмстром рече дека EУ ќе одговори на сите нови царини што ќе бидат воведени против Унијата, по вчерашната одлука на Светската трговска организација (СТО) со која се одобруваат американските царини на увоз на производи од ЕУ.
– Меѓусебно воведување контра мерки само ќе им наштети на компаниите и граѓаните од двете страни на Атлантикот и ќе има штетен ефект врз глобалната трговија и пошироката авионска индустрија, рече Малмстром.
Таа додаде дека Унијата сепак е подготвена да соработува со САД за, како што рече, „фер и урамнотежено решение за нашите авионски индустрии“.
СТО вчера објави дека САД можат да воведат царини на увоз на стока во вредност до 7,5 милијарди долари од Европската унија, како одговор на нелегалните субвенции на ЕУ за европскиот производител на авиони „Ербас“.
Одлуката да и се даде право на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе контрамерки против Европската унија, уследи по пресудата на СТО за субвенциите на Ербас, донесена во мај 2018 година.
Вчерашната одлука, која претставува рекордна такса за која СТО даде дозвола на една страна, не стави крај на долготрајниот трансатлантски спор околу авионите. Таа меѓународна организација треба да донесе одлука следната година до која вредност на стоки ЕУ може да воведе такси врз основа на друга посебна одлука, донесена против американската авиокомпанија „Боинг“.
САД веќе објавија план за воведување данок на увоз на сирење, маслинки и виски од ЕУ, како и делови за авиони, но можни се промени.
Американските такси не можат да стапат на сила пред средината на октомври, бидејќи управниот одбор на СТО мора претходно и официјално да ги потврди.




