Владејачката партија СДСМ денеска ја промовираше кампањата „На прав пат“ што ќе ја започнат од сабота, 5 октомври од Штип. Како што информира генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, ќе се одржат 20 трибини, за време на викенд во поголемите градови, а во работните денови во помалите општини, во попладневните часови.
Од 20 октомври ќе почне и нова кампања „Од врата до врата“ што ќе ја спроведуаат локалните ограноци, каде граѓаните ќе бидат прашани дали се задоволни од работата на функционерите. Преку прашалници, граѓаните можат да се изјаснат дали се или не се задоволни од услугите на институциите на локално и на централно ниво.
Николовски рече дека во завршна фаза се подготовките за реорганизација и зајакнување на Аналитичкиот центар на СДСМ кој ќе биде наменет за решавање на проблемите на граѓаните. Најави и 20 анкети за проблеми на локално ниво.
Денеска СДСМ го промовираше и ребрендирањето во црвено-бела боја.
Пред денешната промоција на кампањите на СДСМ, лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски промовираше тим советници составен од 16 експерти од различни области кои ќе го советуваат за, како што рече „креирање политики“.
Негови, како што ги нарекува, стратегиски соработници се: професорката Гордана Силјановска – стратешки соработник од областа на правото и политичкиот систем. Сашко Кедев – медицина и здравствени политики. Владимир Дуковски професор во пензија стратешки соработник за технолошки развој. Стратешки соработник за економија е Хозе Караско вонреден професор во Мадрид, Шпанија, Игор Дурловски стратешки сорабоитник за култура, Влатко Гигов, државјанин на Швајцарија за стратешки соработник за нови производи и медиуми, а Јанко Баждавела, од Њујорк, за прашања од областа на спортот е Борко Ристовски, за енергетика Сања Божиновска, Ака Махмуд од областа на туризмот, косопственик на ЕРЕК групацијата, за трудово право вонредниот професор Лазар Јовевски, за машинска индустрија и екологија Зоран Марков професор на Машински факултер, за интелектуална сопственост професор Гоце Наумовски, за бизнис и оргнизациски стратегии професор Гоце Андреевски, за корпоративно право Александар Климовски и за банкарска политика Коста Митровски.
Овој тим како што рече, ќе го советува за „Обнова на Македонија“, нешто што како кампања го најави и во видео обраќањето минатата недела.
Кампањи како во предизборие
ВМРО ДПМНЕ подолго време на речиси секоја прес конфренција го истакнува барањето за предвремени избори. Дури и последната лидерска средба за законот за ЈО, Мицкоски ја условуваше со поставување на дневен ред и на ова прашање.
Премиерот Заев, прашан за тоа дали се можни предвремени избори, во секоја прилика одговара дека тоа е најрано моќно во октовмри следната година. Но, денешните промоции речиси истовремено, го отвораат прашањато дали можеби ова е почеток на предизборна кампања.
Мицковски денеска побара предвремени избори во март следната година.
-Јас го понудив март следната година веднаш после средината на Октомври кога очекуваме од страна на Европскиот совет да се произнесе дали Македонија ќе добие датум да отпочнување на преговори , дали нема да добие , дали тоа ќе биде некое условено меѓу решение во целата оваа ситуација . Веднаш потоа да формираме техничка влада, да ги подготвиме институциите за одржување на предвремени парламентарни избори, бидејќи само тоа е начинот како можеме да провериме дали навистина блескаме или блеска криминалот, корупцијата, рекетот и октоподот во оваа држава, рече Мицкоски на прес конференцијата.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски негира дека станува збор за предизборна кампања, туку дека се ова тековни активности на партијата.
Тој го повтори ставот на Заев дека за СДСМ најдобар датум за избори е октомври 2020 година, но одговарајќи на новинарско прашање, не ја исклучи можноста и за на пролет.
-Ние сме целосно подготвени и овој систем на функционирање ќе биде целосно подготвен да одговори на сите потреби на граѓаните, затоа сум сигурен дека во било кој еден момент да има избори, ние сме целосно подготвени, но пред се е интересот на целата земја и интересот на граѓаните во тој поглед, рече Николовски на прес конференцијата и најави поинтензивни партиски активности во следниот период.






