Предлозите на британскиот премиер Борис Џонсон за договорот за напуштање на Велика Британија од ЕУ „ниту од далеку“ не се совпаѓаат со она што е потребно за компромис, оцени Управувачката група на Европскиот парламент за Брегзит.
Откако главниот преговарач за Брегзит, Мишел Барние го информираше тоа тело со предлозите на британскиот премиер, Управувачката група на ЕП за Брегзит соопшти дека предлозите на Џонсон се „чекор назад наместо чекор напред“ кон општ договор, додека се приближува крајниот рок за излез на Британија, 31 октомври.
– Британските предлози се недоволни и претставуваат големо оддалечување од заедничките обврски и цели, се наведува во соопштението.
Управувачката група вклучува експерти од сите водечки пратенички групи на Европскиот парламент кои треба да го одобрат договорот за Брегзит пред да стане официјален.
Претходно и лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, го критикуваше планот на Џонсон за Брегзит, нарекувајќи ги неговите предлози „нереални и штетни“.
– Постојните предлози ќе и наштетат на целата економија во Велика Британија, особено на Северна Ирска и ќе го нарушат договорот меѓу Северна Ирска и Велика Британија, рече Корбин, јави Би-Би-Си.
Корбин додаде дека со предлозите се отфрла каква било форма на царинска унија, нешто што го бара секое деловно и индустриско тело во Велика Британија и секој синдикат.
-Тие сакаат да ги отфрлат стандардите на ЕУ за работничките права, регулативи и потрошувачки стандарди и да им дадат на работниците пониски плати и полоши услови за работа да се справат со конкуренцијата, рече лидерот на лабуристите.




