Министерството за правда досега нема добиено никаков одговор од косовското Министерство за правда за екстрадицијата на двајцата осомничени во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, соопшти денеска од македонското Министерството откако обвинителката која го води предметот за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Фатиме Фетаи, на денешното рочиште побара информација до каде е оваа постапка.
Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година, кое 22 јануари 2016 година, Апелациониот суд на Република Косово го одбива. По комплетирање на предметот министерката Дескоска повторно испратила ново барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го примило на 5 септември 2018 година.
-Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција – до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово. На располагање на Министерството за правда на Република Северна Македонија му преостанува единствено да испраќа ургенции и да бара од надлежните косовски власти да се произнесат, велат од Министерството за правда.
Вакви ургенции се испратени во два наврати -на 26 февруари 2019 година, а последната ургенција е испратена на 3 јули оваа година.
Од Министерството за правда велат дека се прават сите напори двајцата бегалци од правдата да бидат донесени во Македонија, и притоа се користат сите законски можности и билатералниот договор со Косово.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се меѓу обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро кое се случи точно пред седум години на 12 април 2012 година. Двајцата се избегани на Косово, а властите во Скопје по нив распишаа меѓународна потерница и од Косово побараа да бидат екстрадирани во земјава.
Од Министерството за правда исто така информираат дека министерката Дескоска ќе се сретне со семејствата за убиените кај Смилковското езеро, кои денеска побараа средба со неа.




