Жителите на струшкото село Лабуништа бараат средба со премиерот Зоран Заев за да ја објаснат сериозноста на ситуацијата со која се соочуваат- енормното загадување што го трпат како резултат на каменоломите во непосредна близина.
Тие вчера повторно се собраа на протест и најавија дека че го радикализираат отпорот.
-Овојпат упатуваме порака директно до премиерот Зоран Заев да не прими за да му ја објасниме сериозноста на нашата ситуација, но и нашата решителност да не попуштиме се додека не се затворат каменоломите кои го уништуваат нашиот крај, изјави за „Мета.мк“, Алим Салоски, од здружението „Натура Лаб“ од Лабуништа. „Доколку Владата не преземе ништо, ние сме решени нашиот револт да го изразиме преку блокирање на патиштата, преку граѓанска непослушност и други радикални методи“, вели тој.
Протестот вчера се случи истовремено со преговорите кои делегацијата од Лабуништа ги имаше со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и со други претставници на локалната самоуправа, а на која биле викнати и претставници на концесионерите на петте активни каменолома кои се наоѓаат на само неколку стотици метри од првите селски куќи.
И, додека се очекува исходот од преговорите, Салоски појаснува дека со концесионерите на каменоломите ќе се дискутира околу предлогот да се дислоцираат од реонот на Лабуништа, а за сметка на тоа да и бидат доделени други локации за експлоатација на каменот во дебарскиот крај.
Струшкото село Лабуништа има околу 9 илјади жители, а заедно со околните населени места има околу 16 илјади жители кои, според „Натура Лаб“ се изложени на загадување од каменоломите, чијашто прашина влегува во нивните бели дробови и им ги загадува нивите на кои произведуваат храна. Оттаму се прашуваат како воопшто било можно Општина Струга на овие каменоломи како огромни загадувачи воопшто да им издаде Б интегрирани еколошки дозволи за работа толку блиску до нивните живеалишта.
Незадоволството на Лабуништани не е ништо ново. Тие револтот од ископите досега го искажаа повеќепати – летово прво преку мирен протест и едночасовна блокада на регионалниот пат Струга – Дебар, а потоа поставија и шатори со 24-часовни дежурства во близина на каменоломите и не дозволуваа пристап на механизацијата.
Во август годинава министерот за економија Крешник Бектеши дојде на средба со нив и им соопшти дека еден концесионер сам се откажал, а на останатите во најкраток рок ќе им бидат одземени концесиите за ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица.
– Еден од концесионерите сам се откажа. Концесијата која беше над селото и најголем проблем од утре ќе ја повлече цела механизација од местото. За другите концесии колку што бев запознаен две се речиси внатре во селото, даден им е рок и во најкраток можен рок нема да проработат. Ние мора да ги запазиме правните процедури. Владата која ги дава, може и да ги одземе концесиите, изјави тогаш Бектеши.
Но проблемот се уште не е решен.