Судењето за тортура и за нечовечко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година „Тортура” ќе почне од почеток поради тоа што поротник во Советот дал отказ.
На прашање на НОВА за причините за отказот на поротникот, од Судот одговорија дека поротникот се откажал поради семејни причини, поради што Судскиот совет донел одлука за престанок на функцијата по сопствено барање и веднаш е назначен нов судија – поротник.
Од Судот велат дека немаат никакви овластувања на било каков начин да им наложи на судиите – поротници да ја извршуваат функцијата спротивно на нивната воља, но мора да се има во предвид дека тие се претставници на граѓаните во судските проциси и се гаранција за владеењето на правото и почитување на законите.
Поради отказот на поротникот „Тортура“ ќе почне од почеток, бидејќи законот така предвидува во случај кога има промена на судечки совет предметот.
На прашање на НОВА, колку судии поротници во изминатата година биле разрешени и назначени, од Судот одговорија дека во текот на оваа година 25 судии – поротници од различни причини, по нивна желба – пензионирање или истек на времето за кое биле ангажирани, се разрешени од функцијата, а 18 нови се назначени.
Во „Тортура“ обвинет е екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, а заедно со него обвинети се и поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски-Пуки и уште петмина припадници на единицата.
Сега предметот е во рацете на ОЈО Скопје, а истрагата и обвинението ги покрена почна СЈО, кое до неодамна го застапуваше случајот и во судница. Обвинетите се гонат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
На крајот на минатиот месец одново започна и судењето за случајот “Трезор” за злоупотреба при набавката на опрема за прислушување во УБК. Ова судење е вратено на почеток поради истекот на 90 дена од последното рочиште кое се одржа на 1 јули и кога беше сослушан сведок на обвинителството.
Во овој предмет, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски се обвинети дека во 2010 година договориле набавка на опрема за пресретнување на комуникациите и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа. Но, наместо набавката да оди директно преку Министерството, обвинетите ја вклучиле и компанијата „Финзи“ како застапник на МВР. Се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на УБК со што го оштетиле Буџетот за 862.045 евра.
Досега и други случаи на СЈО започнаа од почеток, најчесто поради промени во судечкиот совет: Поради промена на судечкиот совет во јануари минатата година од почеток почна судењето за „Траекторија“ во кој се обвинети Груевски, Пешевски и Јанакиевски. Од истите причини – промена на судечкиот совет од почеток почна и судењето за „Транспортер“ во кој за злоупотреба на службената положба е обвинет екс битолскиот градоначалник Владимир Талевски и судењето за „Насилството во Центар“.




