Зоран Верушевски – сведокот во „Таргет – Тврдина“ за масовното незаконско прислушување денеска во судница рече дека злоупотребата на институцијата била креирана од Никола Груевски и неговата опседнатост да остане на власт. Освен Груевски, клучни за прислушувањето биле бегалците Никола Бошковски и Горан Грујоски кои сега се во бегство во Грција.
Обвинетите Мијалков, Јанкуловска, Јаќимовски и другите кои беа присутни на рочиштето, Верушевски не ги именуваше ниту еднаш. Напротив рече дека „Голем дел од обвинетите овде, плаќаат поради патолошката опседнатост на Груевски кој ги злоупотребил институциите“.
На директното прашање од судијата кои материјали ги имаат тројцата бегалци, Верушевски одговори „изворната документација“. Господ знае што се поседуваат – дополни тој.
„Она што беше предадено во СЈО беше само минорен дел во однос на документaцијата што ја поседуваат овие тројца, која не се знае колкава. Тоа е изворната документација. Со оваа документација тие си обезбедија не само заштита туку тука е и одговорот зошто државите во кои тие побегнаа чудно немаат коментар на сите правни дејствија кои ги повлекуваат властите за нивно враќање во државата“ рече Верушевски.
Тој кажа и дека разузнавачките служби во Унгарија и Грција сигурно не ги прашуваат тројцата бегалци за растот на БДП-то во Македонија, туку тие се интересираат за начинот на кој функционираат прислушните уреди и материјалите кои тие ги поседуваат.
Судијата побара од Верушевски да објасни што мислел со неговиот исказ од претходното рочиште дека „документацијата била модифицирана и компромитирана“ , на што тој одговори: Базичната документација беше во рацете на луѓето кои сега се во бегство и тоа што сега се објавува како приватни разговори.
Според него СЈО направило пропуст што не го обвинил Груевски за незаконското прислушување.
„Се беше креирано, осмислено и поттикнато од тој што имаше најголем бенефит не во материјална смисла. Тоа лице имаше патолошка желба да ја задржи власта и од таа амбиција извираше цела злоупотреба на институциите на системот“ рече Верушевски.
Верушевски беше повикан како сведок на СЈО. Во Таргет- Тврдина обвинети се Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и вработени во УБК кои по телефон давале наредба да се впишуваат броеви на граѓани, како и тие што ги извршувале наредбите.
Одбраната на обвинетите одби вкрстено да го испрашува сведокот.
Следното рочиште е закажано за 24 октомрви, кога ќе треба да сведочи Зоран Заев.