Совет за безбедност на ОН не успеа ноќеска да постигне обединета позиција за турската офанзива во североисточна Сирија.
Европските членки бараат турската офанзива врз курдските сили поддржани од САД, да биде прекината, додека Русија се залага за „воздржаност“ и „директен дијалог“ на спротивставените страни
Пред состанокот, пет членки на СБ на ОН изразија желба сите 15 членки да ја поддржат изјавата предложена од САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп неочекувано ги повлече сите американски трупи од североисточна Сирија, каде што трае конфликтот меѓу турските и курдските сили.
Според неименуван дипломатски извор, САД предложија СБ на ОН да усвои изјава во која се изразува „длабока загриженост“, истакнувајќи ја потребата да се заштитат цивилите и да се повика Анкара да бара дипломатски пристап наместо да се вклучува во воена акција, пренесува Танјуг.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Набензија, изјави дека треба да се земат предвид и другите аспекти на сириската криза, а не само во турската воена операција, и дека треба да се повика на „итно прекинување на нелегалното воено присуство“ во земјата.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ќе престојува во Турција, каде ќе има средби со Ердоган и министерот за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
Турското МНР вчера соопшти дека тема на разговорите на Столтенберг ќе бидат серија прашања кои се на агендата на НАТО. Посетата на генералниот секретар на Алијансата беше закажана пред Турција да ја почне воената интервенција во северна Сирија против курдските борци од редовите на Сириските демократски сили.
Тој вчера од Атина порача дека НАТО очекува од Турција да покаже воздржаност, а нејзините акции во северна Сирија да се одмерени, пропорционални и да се избегнат повеќе човечки страдања.
Турската инвазија наиде на осуда од меѓународната заедница, а Обединети нации и Арапска лига одржуваат вонредни состаноци.
Турското министерство за одбрана денеска соопшти дека прв турски војник загина во борбите против курдските борци во Сирија, каде Анкара започна воена офанзива оваа недела.
Турција во средата ја почна воената операција „Извор на мирот“, источно од реката Еуфрат во северниот дел на Сирија со цел да ја обезбеди својата граница преку, како што тврди Анкара, елиминација на терористички елементи.
Според турското Министерство за одбрана во операцијата досега се 277 терористи, јави Анадолија, меѓу кои има и припадници на Курдската работничка партија и на Единиците за заштита на народот.
Според тв станицата Ал Арабија, во турските воздушни напади во изминатите 24 часа загинале 17 цивили.
На критиките и осудата од ЕУ, Ердоган возврати дека доколку интервенцијата ја сметаат за инвазија, тој ќе ја прекине и ќе ги отвори вратите на неговата земја за бегалците кон Европа.
Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) вчера предупреди дека десетици илјади цивили во Сирија се обидуваат да побегнат од борбите и бараат безбедност поради турската офанзива во тоа подрачје.
Агенцијата на светската организација нагласи дека моментно стотици илјади цивили во северниот дел на Сирија се наоѓаат во опасност, додавајќи дека граѓаните и цивилната инфраструктура не смеат да бидат мета на напад.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Лондон, соопшти дека вчера повеќе од 60.000 луѓе ги напуштиле своите домови во северниот дел на Сирија поради турската офанзива.
УНХЦР нагласи дека по осум години судири во земјата, 5,6 милиони Сиријци живеат како бегалци.
Сириската државна новинска агенција Сана ја осуди операцијата, квалификувајќи ја како „акт на агресија“.





