Во рамки на операцијата „Извор на мирот“, Турција зазеде уште две курдски села во североисточниот дел на Сирија, јави Анадолија. Турската војска, заедно со сириски борци, ги зазедоа селата Тал Хафер и Асфар Неџар.
Во последните два дена Турција зазеде 13 села во северна Сирија. Турција соопшти дека планира да продре во Сирија 30 километри од границата за да ги сузбие курдските сили и да постави т.н. „зона на безбедност“.
Во офанзивата Турција користи бомбардирање и копнени сили.
Во исто време, претставници на сириските Курди денеска соопштија дека започнале евакуација на луѓето од кампот за раселени лица, кој се наоѓа во близина на турската граница, поради „инвазијата“ на Анкара во североисточна Сирија.
Претставниците на Курдите соопштија дека турски гранати паднале во близина на кампот Мабрука, поради што е наложена евакуација.
Луѓето од кампот ќе бидат пренесени во друг камп, на југот на земјата.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Лондон, соопшти дека во тек се интензивни судири меѓу сириските Курди и групите предводени од Турција на периферијата на Рас ел Ајин.
Кампот Мабрука се наоѓа на 12 километри од границата со Турција и засега не е познато дали има повредени. Околу 7.000 раселени лица живеат во камп Мабрика, кои побегнале од своите домови поради насилствата од страна на припадниците на т.н. Исламска држава.




